Мерките што се дел од пошироката трговска политика на САД, би можеле да го променат начинот на којшто се продаваат и дистрибуираат швајцарските часовници низ целиот свет.
Пазарот во САД е клучен за индустријата - лани, вкупната продажба на швајцарски часовници во САД достигна 5,5 милијарди долари, што претставува речиси 17 отсто од вкупниот извоз во светот. Од друга страна, пак, во својот годишен извештај за состојбата на индустријата за часовници, британската консултантска куќа „Делоит“ (Deloitte) проценува дека зголемените царини би можеле да доведат до повисоки цени за водечките брендови во САД и пад на интересот на потрошувачите, особено во „премиум“ сегментот. Наредниве месеци, имено, се очекува значително зголемување на цените на моделите од водечките брендови како што се „Ролекс“, „Патек Филип“ и „Омега“, што би можело да ја намали продажбата и да ги наруши односите на пазарот на луксузни стоки.
Иако извозот во САД забележа само симболичен пад од еден процент меѓу јануари и август оваа година, експертите предупредуваат дека ова се должи на претходното зголемување на увозот и складирањето производи, пред воведувањето на новите царини.
Швајцарските производители, познати по својата традиција, прецизност и врвен квалитет, сега мора да покажат економска флексибилност, насочувајќи се кон помладите генерации и новите пазари, велат познавачите.
Така, една опција за тоа е растечкиот пазар на употребувани и реставрирани часовници. Оваа гранка - некогаш маргинална и вообичаено резервирана за колекционерите, сега е еден од најдинамичните делови на пазарот на луксузни стоки. Според „Делоит“, дури 40 насто од генерацијата Зи (лицата родени меѓу 1997 и 2012 година) изјавиле дека планираат да купат веќе користен часовник. Причината е, меѓу другото, и сѐ поголемата свест за одржлива потрошувачка, како и фактот дека младите луѓе ја ценат автентичноста и историјата на производите.
Затоа, индустријата за часовници го гледа пазарот на употребувани часовници не само како начин за ублажување на ударот од царините, туку и како можност за сосем нов бизнис-модел. Големите компании веќе развиваат платформи за проверка и продажба на сертифицирани половни часовници, со цел да ги задржат клиентите во рамките на сопствениот бренд и да спречат продажба по неформални канали.
Покрај САД, насоката сè повеќе е кон нови пазари во раст. Швајцарските производители во Индија, на пр., бележат раст на извозот за седум отсто на годишно ниво, што одразува растечка клиентела од средната класа која бара луксуз - како симбол на успех. Во истовреме, и Мексико станува нов центар на интерес - продажбата на швајцарски часовници таму достигна 337 милиони швајцарски франци, што е еден од најголемите скокови во светот.