А кога излегувате од авионот на сардиниското тло, првото нешто што се забележува е мирисот на морето, борот и сонцето, мешавината што го дефинира овој див, горд остров (до Сардинија, освен со брод, можете да стигнете по воздушен пат на еден од трите аеродроми: Каљари, Алгеро и Олбија).
Овој втор по големина остров во Медитеранот, веднаш по Сицилија, се наоѓа на западниот брег на Италија, од која е оддалечен околу триста километри, а излегува на Тиренското Море на исток и Средоземното Море на запад. Најблизок сосед му е е францускиот остров Корзика.
Историјата на Сардинија (која има површина од 24 090 километри квадратни со околу 1 500 000 население), една е од најбогатите и најслоевитите во целиот Медитеран. Островот бил мост меѓу цивилизации, место каде се сретнувале народи од Африка, Европа и Блискиот Исток и секој оставил свој белег.
За љубителите на минатите епохи, Сардинија е вистинско уживање, бидејќи 9 000 археолошки наоѓалишта ја прават фантастична временска машина на отворено. Низ цела Сардинија има траги од мистериозниот народ Нураги кои живееле само тука, во вториот век п.н.е. Сардинија крие илјадници нураги, таинствени камени кули со кружна форма, изградени без малтер, само од камења, некои високи и по дваесет метри. Постојат повеќе од 7 000 нураги низ целиот остров од бронзеното време, расфрлани низ островот. Никој не знае точно зошто биле изградени, но кога стоиш пред нив, чувствуваш некаков древен мир. Нурагичката култура била развиена, тргувала со Микена, Кипар и Египет и оставила бронзени статуетки и орудија што сведочат за високо ниво на уметност и организација.
Во деветиот век п.н.е. пак, Феникијците почнале да основаат трговски населби по бреговите на Сардинија, како Тарос, Битиа и Нора. Подоцна, Картагена (денешен Тунис) ја презела контролата и воспоставила колонии, наметнувајќи своја култура, јазик и трговија. Селаните во внатрешноста, сепак, останале полунезависни. Горди, упорни и често во бунт против странската власт.
По Првата пунска војна (264-261 година п.н.е.), Сардинија станала римска провинција, заедно со Корзика. Римјаните изградиле патишта, аквадукти, фарми и го донеле латинскиот јазик, кој ќе стане темел на денешниот сардински јазик (сарду). Римјаните често ја користеле Сардинија како место за прогон и ропство, но истовремено островот станал и важен центар за производство на жито. По падот на Рим, островот накратко го зазеле Вандалите, па потоа преминал под Византија. Сардинија останала важна како извор на жито, маслиново масло и олово. Островот бил одалечен, но стратешки вреден. Во тоа време се појавиле и првите христијански заедници.
Но, кога централната власт ослабела, на Сардинија се формирале четири независни кнежевства. Во 1324 година островот го зазела Арагонската круна и Сардинија станала дел од Кралството Арагон, а потоа и од Шпанија (во градот Алгеро и денес се чувствува таа каталонска култура низ јазикот, архитектурата, па дури и гастрономијата.)
Шпанската власт донела и феудален систем кој ги потиснал локалните слободи, што предизвикало чести востанија. По војните за шпанското наследство, островот преминал под контрола на Савојската династија (од Пиемонт ). Така се формирало Кралството Сардинија, кое ги вклучувало Пиемонт, Савоја и Ница (1718-1861). И токму тоа кралство, со Виктор Емануел Втори ќе стане јадро на обединета Италија во 1861 година. Сепак, Сардинија останала периферна и сиромашна, со силно чувство на идентитет. И, тоа, се уште е така.
Дел од ѕидините што го опкружуваат Алегро, како заштита од сараценските пирати, со плоча со името на Гарибалди, иако нема доказ дека тој бил тука
По Втората светска војна, Сардинија добила специјален автономен статус во рамките на Италија (1948), со свој парламент и поголема самоуправа.
Сардинија со години е една од најелитните дестинации за одмор во Европа. Богата е со историја, прекрасна природа, фантастична кујна и прекрасни плажи. Меѓутоа, вистинската Сардинија не е само на брегот. Внатрешноста на островот е како од друго време. Ридови покриени со маслинови и лимонови дрвја, лаванда, кози и бели магариња и села каде што секој те поздравува.
Овој остров не е само копно. Тој е состојба на духот. Малку див, малку мистичен, но секогаш автентичен.
Тоа особено се забележува во градот Алгеро, со околу 40 000 жители. Камените улици на стариот град, кој датира од 12 век, се полни со кафетерии, слаткарници, ресторани. Седумте одбранбени кули кои некогаш служеле за заштита од сараценските пирати сè уште стојат над градот. Бидејќи градот е познат по коралите, во неговиот центар има музеј на корали, но и многу продавници со корален накит.
Алгеро се нарекува и Барселонета или мала Барселона, поради историските врски и големиот број Каталонци кои живеат во него. Алгеро е каталонски во душата, иако е на италијанска земја. Натписите се двојазични: на каталонски и на италијански јазик. Меѓу многуте прекрасни плажи, се издвојува Марија Пија, со ситен бел песок и богата борова шума, додека во самиот град се наоѓа песочната плажа Лидо ди Алгеро, долга 1,5 км.
Старото градско јадро е како сцена од филм: тесни калдрмисани улици, камени ѕидови, и куќи со железни балкони што гледаат кон морето. На секој агол е мирисот на свежо печени лигњи и звук на гитара од некој уличен музичар. Од градските ѕидини, залезот е спектакл. Или, како што велат неговите жители: „Алгеро е место каде секој залез изгледа како слика на уметник што одбил да ја заврши.“
Овде е роден и светски признатиот моден дизајнер Антонио Марас, чиј стил е инспириран од Сардинија, користејќи ја локалната традиција, материјалите, мотивите и ракотворбите како дел од својот дизајнерски јазик. Неговиот бренд е интернационално познат (Марас беше уметнички директор на Кензо од 2003 до 2011 година). Неговите бутици се насекаде низ Алгеро. (Инаку, од Сардинија потекнува и Грација Деледа, добитничка на Нобелова награда за литература во 1926-тата.)
На север од островот се наоѓа градот Сасари (со околу 130 000 жители), универзитетски град со богато наследство. Сасари е тивката, горда душа на островот. Кога ќе пристигнете во Сасари, првото нешто што ќе го забележите е дека градот не се обидува наеднаш да те освои, туку те освојува полека, како добар пријател што прво те набљудува, па потоа ти се отвора.
Високите палми по булеварите, старите згради со избледените фасади и атмосферата на некоја љубовна носталгија ќе ги запаметите засекогаш. Плоштадот Пјаца д’Италиа е срцето на градот, широк, елегантен, со кафеани каде локалците пијат еспресо и разговараат. Во Сасари, времето тече бавно. Шетајќи низ старите улички, ќе наидете на катедралата Свети Никола од 13 век, готска фасада со барокна внатрешност и на мали книжарници што мирисаат на хартија и кафе. Локалниот поправач на велосипеди, скриен во тесното сокаче, вели: „Сасари не се гледа. Тој се слуша, се чувствува и се вкусува.“
На педесет метри зад катедралата се наоѓа дворецот Асинара, кој е од 1805 година. Изграден е од Антонио Манца, војвода од Асинара, по чија титула зградата го добила своето име. На преминот од 19-ти до 20-ти век, поточно во 1900 година, тој станал сопственост на градот и денес е седиште на администрацијата на Сасари, односно на Градското собрание.
Во близина на катедралата се наоѓа и Универзитетот во Сасари, на кој студираат повеќе од 15 000 студенти. Основан е во средината на 16-тиот век, а на почетокот го воделе језуитите.
Во вториот по големина град на островот се наоѓа и националниот музеј Сана, во кој се сместени археолошки наоди и илјадници експонати поврзани со сардинските народни занаети и уметности.
Градот е аминистративен центар на провинцијата Сасари (со 92 општини, меѓу кои и Алгеро), која го сочинува северозападниот дел од островот, со пристап до Средоземното Море на север и запад. Провинцијата е рамна во северниот дел, со втората најголема рамнина на островот, Нура.
Јужниот дел од регионот е планински и е познат како Логудоро. На крајниот северозападен дел од регионот се наоѓа островот Асинара.
Градот Сасари е познат и по бројните стари бунари, но и напуштениот рудник за сребро во неговата околина, кој денес е заштитено културно наследство.
Патот од Сасари до Алгеро трае само 30 минути, но чувството е како да си преминал во друг свет. Тој минува низ маслинови насади и лозја и на моменти низ ридови покриени со диви цвеќиња. Возиш со отворен прозорец и чувствуваш како воздухот се менува. Во Сасари е топол и сув, во Алгеро е свеж и миризлив, како да има капка лимон во секој здив.
Температурата во сред лето достигнува и до 45 степени целзиусови. Затоа локалните жители за најидеално време за одмор ја препорачуваат втората половина на септември и првата половина на октомври. Освен што ќе ги избегнете големите гужви од туристите, просечната температура во воздухот е 25-26 степени целзуисови, а и морињата се се уште топли.
Денес Сардинија е омилено место за одмор на светската елита, кои најчесто се лоцираат на плажата Коста Смералда (Брегот Емералд). Меѓутоа и покрај тоа што во 20 век се развила индустријата, туризмот (особено споменатата Коста Смералда во 1960-тите), островот има и силно еколошко движење за заштита на природата. Што ќе рече, Сардинија е и останува симбол на автентичност. Остров што ја чува својата култура, јазик и обичаи, но и отворено гледа кон иднината./МИА