Огромниот мрежест питон е пронајден недалеку од патот во близина на училиштето „Централна Каролина“ во Просперити, а локалниот љубител на животни Ворен Галман и неговите машки членови на семејството го извадиле од високата трева каде што се криел и го фрлиле во контејнер за отпадоци, објави Њујорк Пост.
На својот Фејсбук профил, Галман објавил фотографии и видеа од заробувањето на питонот во жестока борба во која човекот претрпел неколку посекотини на раката.
Извештаите за рептилот долг 3,6 метри почнале да пристигнуваат до локалната полиција, а кога некој објавил на социјалните мрежи дека го видел на три километри од куќата на Галман, тој тргнал со својот син, внук и сосед да го фатат. По околу 15 минути, го лоцирале во близина на железнички премин, а потоа било снимено драматичното заробување на змијата.
Галман и неговиот тим го совладале питонот и го ставиле во голем контејнер, го затвориле капакот и го однеле дома. Змијата, која слободно шетала пред да биде фатена, станала сензација во соседството. Службениците се сомневаат дека станува збор за домашно милениче кое избегало или било исфрлено од домот бидејќи е туѓ вид (не е автохтон во областа). Синот на Галман веќе има змија домашно милениче, топчест питон, и бил спремен да се грижи за новиот влекач. Шерифот на округот Њубери, Ли Фостер, му се заблагодарил на тимот на Галман за фаќањето на змијата. Кураторот за херпетологија во зоолошката градина и градините Ривербенкс, Шон Фоли, ја идентификувал змијата како албино мрежест питон и рекол дека не е невообичаено сопствениците да ги пуштат откако ќе се најдат во очајна ситуација. Тој рекол: „Многу луѓе ги купуваат овие змии кога се долги 24 или 36 инчи, а имаат кафез од 48 инчи, што е многу простор за почеток, но змијата расте и достигнува должина од над 15 стапки. Значи, мора да го прилагодите она што ѝ е потребно на таа змија за целиот свој живот, што понекогаш е многу тешко“, рекол Фоли. Мрежестите питони се најдолгите змии во светот и можат да пораснат до речиси 30 стапки. Тие не се отровни и убиваат со тоа што ги обвиткуваат своите тела околу животните за да ги задушат. Тие се способни да убиваат и голтаат животни со големина на елен и дива свиња, а Галман рече дека змијата што ја уловил изгледала доволно голема за да проголта куче, мачка, па дури и „мало дете“.
Галман контактирал со неколку зоолошки градини за да види дали можат да го примат питонот. Според најновата објава на социјалните медиуми, змијата ќе биде преместена во серпентариум на островот Едисто.