Откриен нов вид џиновска анаконда

23.02.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Откриен нов вид џиновска анаконда

Холандскиот биолог Фрик Вонк објави ново видео од средба со новооткриениот вид џиновска змија: „Видеото ја прикажува најголемата анаконда што некогаш сум ја видел“.

Научниците со помош на домородно племе открија нов вид џиновска анаконда во оддалечена и скриена област на Амазон.

Биологот Брајан Фрај од Универзитетот во Квинсленд во Австралија го предводеше тимот кој пронашол и проучувал неколку примероци од новооткриената северна зелена анаконда (Eunectes akaima) во регионот Бамено.

„Ние бевме поканети од племето Ваорани да го истражиме регионот и да собереме примероци од одредена популација на анаконда, за која се шпекулира дека е најголемата досега. Ловците од племето нè одведоа во џунглата на 10-дневна експедиција. Племето, всушност, ги смета овие змиите се свети“, рече Фрај.

Биологот Фрај наведува дека северната зелена анаконда се разделила од јужната зелена анаконда пред речиси 10 милиони години и дека генетски се разликуваат за 5,5 проценти.

„Ова е многу значајна разлика. На пример, луѓето генетски се разликуваат од шимпанзата само за околу 2 отсто. Ова откритие е врв во мојата кариера“, додава тој.

Во истражувањето учествувал и холандскиот биолог Фрик Вонк, кој на својата Фејсбук страница објави ново видео од средбата со новооткриениот вид џиновска змија.

„Видеото ја прикажува најголемата анаконда што некогаш сум ја видел. Дебела е како автомобилска гума, долга е осум метри и тежи над 200 килограми - со глава голема како мојата“, напиша тој.

Досега беа познати четири видови анаконда, вклучувајќи ја и зелената анаконда (позната и како џиновска анаконда). Зелените анаконди се вистински џинови меѓу рептилите.

Најголемите женки можат да пораснат повеќе од седум метри и тежат над 250 килограми.

Овие животни се добро прилагодени на животот поминат главно во вода. Ноздрите и очите им се на врвот на главата, така што тие можат да гледаат и да дишат додека остатокот од нивните тела е под вода.

Зелената анаконда лесно се движи низ вода и може да нападне голем плен како капибари и елени, пишува Conversation.

Овие суштества не се отровни. Тие го зграпчуваат пленот со големи, флексибилни вилици, а потоа го задавуваат и го дробат со моќните тела пред да го проголтаат.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата