Ова значи дека добитникот е избран пред постигнувањето на договорот меѓу Израел и Хамас, кој беше склучен под силен притисок од американскиот претседател Доналд Трамп, кој отворено изразува желба да ја добие наградата за мир.
Израел и исламистичкото движење Хамас ноќеска постигнаа договор за прекин на огнот во Газа и ослободување на заложниците – чекор што се смета за голем напредок кон крај на двегодишната војна на палестинската територија.
– Последниот состанок на Нобеловиот комитет се одржа во понеделникот, посочи портпаролот на Норвешкиот Нобелов институт, Ерик Ашајм.
Комитетот, кој се состои од пет членови, обично ја носи одлуката неколку дена, а понекогаш и недели пред официјалната објава, а завршниот состанок служи за финализирање на одлуката и очекувањата.
Ашајм додаде дека не е закажан дополнителен состанок пред утрешната објава во 11 часот.
Тој потврди дека наградата ќе биде доделена и покрај шпекулациите на некои експерти дека Нобеловиот комитет можеби ќе се воздржи од доделување поради влошената геополитичка ситуација.
Американскиот претседател Доналд Трамп, кој се врати на функцијата во јануари, повеќепати изјави дека заслужува Нобелова награда за мир, бидејќи, како што вели, придонел во решавањето на повеќе конфликти. Тој неодамна изјави дека би било „навреда за САД“ ако не ја добие наградата.
За 2025 година беа номинирани вкупно 338 поединци и организации за Нобеловата награда за мир, која лани беше доделена на Нихон Хиданкјо – здружението на преживеаните од атомските бомбардирања на Хирошима и Нагасаки, кое се бори против нуклеарното оружје.