Истражување: Британците построги кон имиграцијата од Американците

3.11.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Истражување: Британците построги кон имиграцијата од Американците

Резултатите укажуваат дека вообичаеното мислење дека Велика Британија е социјално полиберална од САД не важи за сите теми.

Националниот центар за социјални истражувања, кој го спроведе истражувањето, утврдил дека поддржувачите на британската партија „Реформа Обединето Кралство“ се построги од приврзаниците на американскиот претседател Доналд Трамп во ставовите дека нелегалните имигранти не треба да останат во земјата.

Додека седум од десет приврзаници на Трамп (70%) го делат тој став, кај поддржувачите на британската партија процентот е повисок — 79%.

Истражувачите објасниле дека целта им била да разберат „како се разликуваат ставовите на јавноста во Велика Британија и во САД“ и до кој степен двете општества се поларизирани.

Проучувањето покажало дека 42 отсто од Британците сметаат дека треба да се преземат законски мерки за депортирање на имигрантите без дозвола, наспроти 33 отсто од Американците.

САД се покажале како поотворени кон различноста: 64% од испитаниците таму веруваат дека разновидноста го зајакнува општеството, во споредба со 49% во Велика Британија.

Слични се и резултатите за прашањето колку е важно отвореното општество за националниот идентитет – 63% од Американците сметаат дека тоа е суштински дел од националната припадност, додека во Британија само 49% го делат тој став.

Директорот на Националниот центар, Алекс Шоулс, изјави дека „идејата дека Велика Британија е полиберална во социјалните односи од САД не важи за сите теми“.

- Иако Обединетото Кралство е поотворено кога станува збор за семејството, сексуалноста и религијата, во однос на имиграцијата и разновидноста се забележува спротивен тренд, рече Шоулс.

Тој додаде дека во Велика Британија најостри се поделбите околу имиграцијата и националниот идентитет, додека во САД поларизацијата најмногу се однесува на социјалните прашања и улогата на државата.

Кога станува збор за теми како абортус, контрацепција и истополови бракови, Британците се значително полиберални од Американците.

Деведесет и два проценти (92 отсто) од луѓето во Велика Британија сметаат дека лесната достапност на контрацепција е добра за општеството, наспроти 78 отсто во САД.

Шест од десет Британци (59 проценти) мислат дека легализирањето на истополовите бракови е позитивно, додека во САД тоа мислење го делат само 34 отсто.

Што се однесува до правото на абортус, 86 проценти од Британците веруваат дека треба да биде законски дозволен во сите или во повеќето случаи, наспроти 63 отсто во САД.

Интересно е што и покрај построгите ставови кон имиграцијата, гласачите на „Реформирај го Обединетото Кралство“ имаат полиберални ставови за абортусот – 82 отсто го поддржуваат, во споредба со само 35 отсто од поддржувачите на Трамп.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата