И Французинките сè повеќе ги заменуваат потпетиците со патики

15.09.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
И Французинките сè повеќе ги заменуваат потпетиците со патики

Менаџерот на една продавница за чевли во Париз, прашан дали и колку чевли со високи потпетици продава, нагласи: - Готово е! Високите потпетици ги префрливме на долната полица.

 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

A post shared by Julie (@leasy_inparis)

Денес, речиси половина од Французинките „не знаат како да одат во високи потпетици“, според едно истражување. Така, последниве години, патиките станаа симбол на францускиот шарм, елеганција и стил, коишто се прилагодуваат на новите времиња и предизвици.

„Ако мажите ги сакаат жените што носат високи потпетици, треба да се обидат да одат во нив секој ден“, гласи коментар од корисничка на интернет.

Сепак, постојат и спротивставени мислења. Така, друга читателка вели:

„Мислам дека високите потпетици имаат свое место во женскиот гардеробер. Би ги означила како 'повремени', а не 'обични' или 'секојдневни', коишто во посебни пригоди и посебни денови би ги задоволиле елеганцијата и заводливоста, но и удобноста“.

Инаку, Франција е родно место на легендарните високи потпетици. Изумител овој елегантен женски детаљ е Роже Вивие - француски дизајнер кој ја дизајнирал високата потпетица во 1954 година. Тој бил, всушност, првиот кој вметнал метална прачка во потпетицата, зајакнувајќи ја така нејзината структура, а и ја издолжил и извишил женската силуета.

Новиот тренд го прифатиле скоро сите познати модни куќи. Вивие дизајнирал чевли и за многу познати личности и настани, како што се крунисувањето на кралицата Елизабета II, свадбата на Грејс Кели и принцот Рение, филмовите на Федерико Фелини и Алфред Хичкок и настапите на Марлен Дитрих и Катрин Денев. Неговиот бренд - високите потпетици сè уште се „инструменти за незапирлива заводливост“, како што велат модните познавачи.

Сепак, високите потпетици полека ја губат популарноста, и Французинките сè повеќе избираат чизми со практичен дебел ѓон, патики или рамни чевли.

Меѓу причините за оваа нова „француска револуција“ во обувките е и пандемијата Ковид-19. Таа го промени начинот на којшто живеат и работат многу луѓе. Работата од дома, ограниченото движење, одвикнувањето од ноќниот живот - сѐ ова доведе до тоа Французинките да се облекуваат „посекојдневно“. Така и за сѐ повеќе жени, патиките се „совршен избор“ за секојдневните активности но и за стилот и имиџот воопшто - во спој со тренерки, фармерки, здолништа и фустани.  

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата