Европарламентот усвои нови правила за возачките дозволи во ЕУ

21.10.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Европарламентот усвои нови правила за возачките дозволи во ЕУ

Европскиот парламент денеска ги поддржаа измените на правилата на ЕУ за возачки дозволи со кои, меѓу другото, се предвидува нивна важност од 15 години, две години пробен период за возачите почетници, воведување дигитални дозволи и намалување на возраста за стекнување законско право за управување со возила. 

Според Европскиот парламент, ова ажурирање на правилата за возачки дозволи ќе придонесе за зголемување на безбедноста на патиштата и на намалување сообраќајните несреќи со човечки жртви, имајќи предвид дека годишно на патиштата во ЕУ животите ги губат речиси 20.000 лица. 

Со новите правила се предвидуваат поголеми теоретски и практични знаења при полагање за добивање возачка дозвола, поврзани со технички карактеристики, пружање помош и свесност за ризиците за пешаците, децата, велосипедистите и другите ранливи учесници во сообраќајот. 

Се предлага возачките дозволи за управување со мотоцикли и автомобили да важат 15 години, но се остава можност земјите членки нивната важност да ја ограничат на 10 години, доколку тие се користат и како лична карта. Возачките дозволи за управување на камиони и автобуси ќе важат пет години. Членките на ЕУ ќе имаат можност да го намалат периодот на важење на дозволите за возачи на возраст од над 65 години. 

За добивање дозвола или нејзина обнова, возачите ќе треба да минат медицински преглед, кој задолжително ќе вклучува тестови за видот и проверка на кардиоваскуларната состојба.  

Со новите правила првпат се предвидува „пробен период“ за новите возачи од најмалку две години и за нив ќе важат построги санкции за возење под дејство на алкохол или некористење на безбедносните појаси. 

Се дозволува дозвола за управување со автомобил (Б категорија) да се дава на лица со наполнети 17 години, но ќе мора да возат во придружба на искусен возач додека да наполнат 18 години. 

Со цел ублажување на недостигот од професионални возачи, со новите правила ќе се овозможи дозвола за управување со камион (Ц категорија) да се издава на лица на возраст од најмалку 18 години и за управување со автобус (Д категорија) на 21-годишна возраст, под услов да имаат сертификат за професионална компетентност. Во спротивно, за добивање на вакви дозволи лицата ќе мора да има 21 за Ц категорија и 24 години за Д категорија. 

Со измените се предвидува и воведување на дигиталната возачка дозвола, достапна на мобилните телефони, која се очекува постепено да стане главен формат на возачките дозволи и да ги замени оние во хартиена или пластична форма. 

Со цел да се намали несовесното возење во странство, правото на одземање, суспендирање или ограничување на возачките дозволи ќе се пренесе на земјата од ЕУ што ги издала и ќе се обезбеди прекугранично спроведување на казните.  

По стапувањето во сила на новите правила земјите членки на ЕУ ќе имаат рок од три години да ги имплементираат во своето национално законодавство и дополнителна една година за нивно спроведување.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата