ЕП ја поддржа климатската цел за намалување на емисиите на штетни гасови за 90 отсто до 2040 година

13.11.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ЕП ја поддржа климатската цел за намалување на емисиите на штетни гасови за 90 отсто до 2040 година

Европратениците денеска со 379 гласови „за“, 248 „против“ и 10 „воздржани“ го поддржаа предлогот за став на Европскиот парламент во преговорите за измена на Законот за климата на ЕУ, со кој се предвидува задолжително намалување на нето емисиите на стакленички гасови до 2040 година за 90 отсто во споредба со нивоата во 1990-та, како дел од напорите за постигнување на климатска неутралност на Унијата до 2050 година. 

Во документот се нагласува дека европратениците веруваат оти зелената транзиција и зајакнувањето на конкурентноста на ЕУ одат „рака под рака“ и затоа се согласуваат со предлогот на Комисијата за измени на начинот на кој можат да се исполнат климатските цели. 

Во усвоениот ставот на ЕП се предвидува и можност за користење на механизмот за јаглеродно гранично прилагодување (ЦБАМ), кој овозможува плаќање на еден вид такса за високи емисии на јаглерод диоксид, до пет отсто во периодот од 2036 до 2040 година, со почитување на строги заштитни мерки. Дополнително, европратениците предлагаат и т.н. систем за тргување со емисиите (ЕТС) на гасови од согорувањето на горива во зградите и од патниот транспорт, да почне во 2028 година, наместо во 2027-та како што предлага Еврокомисијата.  

Европратениците предлагаат и Комисијата на секоја втора година да врши проценка на напредокот во остварувањето на целите од страна на земјите членки, утврдување на предизвиците со кои тие се соочуваат, како и да ги проценува трендовите на движење на цените на енергијата и нивните последици по бизнисите и домаќинствата.  

Врз основа на овие проценки на Комисијата и се остава можност да предложи измени на Законот за климата, вклучително и на климатските цел за 2040 година или да преземе дополнителни мерки за заштита на конкурентноста, поддршка на просперитетот или зајакнување на социјалното единство на ЕУ.  

Претходно минатата недела, својот став околу реформата на Законот за климата го усогласија и земјите членки на ЕУ, со што се исполнети условите за започнување на „тријалогот“ за усогласување на предложените законски измени. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата