Долги само околу 4-5 милиметри, тие се именувани по светлите бои на нивниот стомак, коишто мажјаците ги прикажуваат во својот „заводлив ритуал“ на парење, заедно со тропкањето со нозете и ритмичкото движење со коешто ја привлекуваат женката. Како што пишува порталот „Политика магазин“, она што е извонредно кај овие суштества е разновидноста во нивниот изглед, „песните“ и „танцувачките“ движења.
Видот паун-пајак (лат.: „Maratus“) е откриен уште во 1870-тите, но тогашните два новопронајдени подвидови („Maratus volans“ и „Maratus speciosus“) првично биле опишани како „Salticus volans“ и „Salticus speciosus“. Денес се забележани над 100 различни подвидови паун-пајаци, и во таа смисла, особено е занимлива „темната ДНК“ на пајакот - мистериозен дел од генетскиот код на ова животно. Она што го досега го знаат научниците, велат, би можело да помогне да се објасни зошто има толку многу варијации во природниот свет. Тие сметаат дека нивната ДНК можеби му овозможува на овој вид брзо да се прилагоди на променливите услови на животната средина, еволуирајќи така во нови подвидови.
- Нè интересира како пајаците еволуираат за да станат толку разновидни, изјави Џона Вокер од Институтот „Сангер“ во областа Кембриџшир, Англија. - Со проучување на паун-пајаците, може да го искористиме овој екстремен случај за да се обидеме да разбереме кои процеси создаваат варијација во животинскиот свет воопшто, вели тој.
Паун-пајаците се наоѓаат ширум цела Австралија, и секој е скоро со големина на глава од чкорче. Иако Вокер претходно се плашел од пајаци, тој бил привлечен од науката што стои зад нив, па го надминал својот страв и го прифатил проектот како дел од неговото докторско истражување. Со својот водач, д-р Џоан Мејер, и меѓународен тим научници ги собираат сите подвидови откриени досега. Потоа следи категоризацијата.
- Последниот дел од сложувалката беше да се вкрстат сите овие информации со ДНК-та на секој вид. Со споредување на резултатите од сите видови, се надеваме дека ќе откриеме кои гени се одговорни за секоја особина, и на крајот - зошто постојат толку многу различни видови паун-пајаци, па додека истражувањето е во тек, како тим, веќе имаме силна научна основа за натамошно истражување... Сè е во својот зачеток, но едно од возбудливите нешта што ги откривме е дека можеби не се само гените одговорни за разновидноста, туку и деловите меѓу нив - тн. „темна ДНК“, што може да влијае на тоа како пајаците еволуираат, објасни Вокер.
ДНК е составена од долга низа молекули. Некои од нив се вклучени во одлучувањето за специфични особини. Во случајот со луѓето, тие можат да одлучуваат за висината или бојата на очите. Овие делови се нарекуваат гени. Но, повеќето делови од ДНК-та не се гени и никој навистина не знае што, всушност, е нивната намена. Истражувачите сметаат дека „темната ДНК“ ќе може даде одговори.
Тие имаат три пати повеќе темна ДНК од луѓето. Некои пеперутки и молци исто така имаат исклучително голем број видови. Д-р Мајер веќе ја декодирал ДНК-та на илјада видови пеперутки и молци. Но, пајаците, пеперутките и молците се само почеток на еден од најамбициозните генетски проекти што некогаш се преземени.
- Исто како и сите растенија, животни и габи, имаме многу слична ДНК. Со научното разбирање на ДНК-та на сите различни организми, учиме за општите принципи за тоа како функционираат гените и која е функцијата на темната ДНК, а тоа ни помага да научиме многу за себе, изјави д-р Мајер за „Би-би-си“.
Така, целта за следните 10 - 20 години е да се дешифрира генетскиот код на секое растение, животно и габа на планетата.