Американската компанија „ExxonMobil“, заедно со „Energean“ и „HELLENiQ ENERGY“ ќе истражуваат јаглеводороди во Јонското Mоре

6.11.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Американската компанија „ExxonMobil“, заедно со „Energean“ и „HELLENiQ ENERGY“ ќе истражуваат јаглеводороди во Јонското Mоре

Договор за истражување на јаглеводороди во Јонското море потпишаа американската компанија „ExxonMobil“, заедно со „Energean“ и „HELLENiQ ENERGY“ кои веќе ја имаат концесијата за Блокот 2 во северозападниот дел на Јонското Море, во близина на Ексклузивната Економска Зона на Италија.

Договорот беше потпишан на маргините на состанокот на Шестото партнерство за трансатлантска енергетска соработка (P-TEC) што се одржува во Атина, во присуство на американските секретари за енергетика и внатрешни работи Крис Рајт и Даг Бургум, грчкиот министер за животна средина и енергетика Ставрос Папаставру, како и амбасадорката на САД во Атина Кимберли Гилфојл.

Според договорот, „ExxonMobil“ ќе стекне 60 отсто од концесијата, „Energean“ ќе задржи 30 проценти учество, од првични 75 отсто, а „HELLENiQ ENERGY“ ќе задржи 10 проценти учество, од првични 25 отсто.

Станува збор за прво дупчење за морско истражување во Грција од 1981 година, а истражувањето се очекува да се реализира на крајот на 2026 или на почетокот на 2027 година, под услов навремено да се обезбедат сите неопходни дозволи и одобренија од надлежните органи, како и да се продолжи фазата на истражување за да се обезбеди завршување на проектот во предвидениот рок.

Блокот 2 е во област од особен геолошки интерес, во 2022 година биле добиени 2.244 квадратни километри тродимензионални сеизмички податоци, чија обработка и толкување потврдија дека структурата „Асопос“ е најзрелата цел за истражувачко дупчење.

Станува збор за најголемата неистражена офшор структура во Медитеранот, со потенцијал значително да ја зајакне енергетската безбедност на Грција и поширокиот регион./МИА

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата