Жестоки судири меѓу студентите и полицијата во Нови Сад: Употребени солзавец и шок бомби

6.09.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Жестоки судири меѓу студентите и полицијата во Нови Сад: Употребени солзавец и шок бомби

Од мирен протест под мото „Србијо, дали се слушаме?“ до ескалација во раните утрински часови со шок бомби и солзавци кај универзитетскиот кампус во Нови Сад.

Илјадници луѓе доцна попладнето се собраа во кампусот, но инцидентите избија пред Филозофскиот факултет, каде што се фрлаа пиротехнички средства, а доцна ноќта интервенираше полицијата.

Добро опремени полицајци чуваа некои од факултетите, а откако им пристигна засилување со возила за разбивање немири, тргнаа на демонстрантите. Улиците се гушеа во чад од солзавци, шок-бомби, ракети и петарди, додека полицијата ги бркаше демонстрантите од кампусот. Српското министерство за внатрешни работи соопшти дека полицијата употребила сила бидејќи имале информација дека демонстрантите имаат намера за напад пред Филозофскиот факултет и Факултетот за спорт.

По ова следеа апсења на неколкумина од демонстрантите кои бараа слободни избори и заминување на претседателот Александар Вучиќ, а српските власти кажаа дека при немирите повредени се 11 полициски службеници.

„Апсолутно не постоеше причина тие (полицајците) да применат било каква сила. Немаше никаков повод. Тие едноставно дојдоа, како јас што забележав, дојдоа со намера, да ги растераат граѓаните. Во тој момент, тие немаа никаква намера да го заштитат факултетот, да го опколат и да застанат на сите влезови. Мислам дека нивната единствена цел беше да го растераат народот.“

Иако студентите обвинуваат за полициска бруталност, Претседателот Александар Вучиќ на вонредна прес-конференција по полноќ, кажа дека одговорот кон демонстрантите бил соодветен. Притоа жестоко ги нападна европратениците од Европската зелена партија кои дојдоа во Нови Сад за да ги поддржат протестите.

„Благодарен сум им на претставниците на Европскиот парламент. Од каде беше таа, Ивица? Зелена партија и кои други? Некои олоши се собрале тука. Олош кој не може да владее ниту во своите земји, што ни покажа каде им е местото, а и како ние мораме да се бориме против нив, кои вечерва беа во Нови сад. Среќен сум поради тоа, ние ќе се бориме за слободата на нашиот народ и за слободата на својата држава. Нема ништо поважно од татковината Србија, а оние кои дошле да ја рушат Србија, од поле, од странство, мораат да знаат дека ќе им се спротивставиме посилно отколку што си мислеле. “

Синоќа протести имаше во повеќе градови, но само во Нови сад инцидентите наликуваа на граѓанска војна.

Инаку ваквите протести предводени од студентите, влегоа во својот 11. месец, откако почнаа по уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 16 луѓе.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата