До 2028 година за 80 отсто да се намали достапноста на пластичните производи, на 40 проценти да се зголеми рециклирањето на комуналниот отпад, до 2030 година во амбалажата да има најмалку 30 проценти рециклирачки материјал и да се обноват 20 отсто од деградираните екосистеми. Ова се клучните цели дефинирани во четирите документи од Декларацијата што денеска беше и официјално поддржана на Вториот министерски состанок за Зелената агенда за Западен Балкан во Дубровник.
Како што изјави генералниот секретар на Советот за регионална соработка Амер Капетановиќ, ризиците од климатските промени не може да се решаваат само со реакции на она што ќе се случи, туку неопходни се превенција, прилагодување и рана интервенција.
-Јасно е дека климатските промени веќе ни се случуваат и значително не погодуваат сите нас. Температурите во целиот регион пораснаа за преку два степена што е скоро двојно повеќе од глобалниот просек. Тоа значи повеќе суши, поплави, пожари и губење земјоделски приноси. Само минатата година 11 од 13-те најголеми европски пожари беа во нашиот регион, истакна Капетановиќ.
Се проценува дека на регионот во наредните 10 години ќе му требаат околу 37 милијарди долари за прилагодување на климатските промени, но бенефитот од тоа, напомена Каперановиќ, ќе биде двојно поголем, дури 74 милијарди долари годишно преку заштеди, отпорност на заедниците, нови работни места и поздрава животна средина.
-Преминуваме од планови на дела. Зелената агенда станува конкретен, мерливи план, подвлече генералниот секретар на Советот за регионална соработка.
Зад Декларацијата стојат Македонија, Црна Гора, Србија, Албанија, БиХ и Косово.
Декларацијата од Дубровник содржи четири клучни регионални документи: Ревидиран акциски план GAWB 2025–2030, Патоказ за климатска адаптација на ЗБ6, Регионален акциски план за спречување на загадување од пластика, вклучително и морски отпад, како и Нацрт на стратегиски план за биодиверзитет на ЗБ6 до 2030 година.
Втората министерска средба се одржува во рамки на Берлинскиот процес 2025 и претставува клучен годишен форум на регионот за преглед на напредокот и утврдување на следните чекори за спроведувањето на GAWB. Ја организира Регионалниот совет за соработка (RCC) во соработка со Сојузното министерство за економска соработка и развој на Германија (BMZ), со поддршка од Европската комисија, во рамки на претседавањето на Обединетото Кралство со Берлинскиот процес 2025.
GAWB е заедничка рамка што го усогласува регионот со Европскиот зелен договор и го трасира патот кон одржлива и климатски неутрална иднина.