Поштенското гласање што ќе го воведе Грција ќе важи за евроизбори и референдуми

1.12.2023
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Поштенското гласање што ќе го воведе Грција ќе важи за евроизбори и референдуми

Поштенското гласање кое вчера го најави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и ќе се воведе за првпат во Грција, според портпаролот на Владата Павлос Маринакис ќе важи за евроизборите и референдумите во земјата, јави дописничката на МИА од Атина.

Маринакис, на денешниот редовен брифинг со новинарите, објасни дека со конкретниот закон Грците кои живеат во странство ќе гласаат исклучиво преку поштенско гласање на европските избори, додека гласачите во внатрешноста на земјата ќе можат да одберат како ќе го остварат правото на глас или на избирачките места како досега или со гласање по пошта, под услов навремено да се пријават на соодветната платформа за оваа намена.

-На дело покажуваме дека сакаме грчките граѓани кои имаат право на глас активно да учествуваат на изборите и да создадеме уште една алатка која ќе придонесе за намалување на неизлезноста. Четирите точки на предлог-законот се: избор на европратеници, олеснување на процесот на гласање, пречистување на избирачките списоци и олеснување на пристапот на лицата со попреченост до предизборен дијалог, објасни Маринакис.

Паралелно истакна дека се преземени сите мерки за да се обезбеди тајност на гласањето, а предвидено е и формирање на избирачки одбори составени од судии.

-Тајноста на гласањето се обезбедува преку низа процеси што ќе се спроведат, на пример со двојна идентификација преку мобилен телефон и мејл, идентификација во самиот коверт, изјава потпишана од гласачот и сл., рече портпаролот на грчката Влада.

Во однос на можноста поштенското гласање да се спроведе и на парламентарни избори, објасни дека нивната желба е да почне една таква дискусија, меѓутоа во моментов не постои ништо конкретно и засега законот ќе се однесува само на евроизбори и евентуални референдуми.

Предлог-законот беше одобрен на вчерашната владина седница, Маринакис објасни дека ќе биде дискутиран со партиите и пратеничките групи и ќе биде ставен на јавна консултација, а за да биде изгласан потребен е 151 глас во Парламентот, односно не е потребно двотретинско мнозинство.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата