Лидерот на грчката неонацистичка партија Златна зора кој беше осуден на затворска казна од 13 години и шест месеци ќе биде пуштен од затвор и казната ќе продолжи да ја издржува во домашен притвор, секој месец во следните три години ќе треба да се пријавува во локалната полициска станица, објавија грчките медиуми.
Според истите информации, Судскиот совет во градот Ламија го прифатил барањето за ослободување поради здравствени проблеми поднесено од 67-годишниот Михалољакос.
На почетокот на мај 2024 година судот во градот Ламиа донесе одлука Михалољакос да биде ослободен, откако издржа три петтини од казната, а еден месец подоцна Апелацискиот судски одлучи да се врати во затвор и да се поништи одлуката за негово ослободување.
Златна зора во октомври 2020 година, со судска одлука беше прогласена за криминална организација, а лидерот, поранешните пратеници, како и членови на партијата беа осудени на затворски казни, во судскиот процес што траеше пет години и беше еден од најголемите и историски процеси во Грција.
Лидерот Михалољакос и пет поранешни пратеници добија 13 и пол години затворска казна за формирање криминална организација.
Во јуни 2022 година, седум години по почетокот и 20 месеци по завршувањето на процесот, судењето започна одново по жалбата од осудените поднесена против пресудата донесена во прв степен и веќе три години е во тек.
Златна зора во периодот од 2012 до 2019 година беше дел од грчкиот Парламент./МИА