Државните службеници во Грција денеска во 24-часовен штрајк

14.10.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Државните службеници во Грција денеска во 24-часовен штрајк

Државните службеници во Грција денеска излегуваат на 24-часовен штрајк, на повик од Синдикалната федерација на државните службеници (АДЕДИ), поради новиот нацрт-закон за труд кој предвидува воведување 13-часовен работен ден и други измени, објави електронското издание на весникот „Катимерини“.

Минатата недела АДЕДИ повика на штрајк со барања за враќање на 13-та и 14-та плата, значително зголемување на платите, потпишување колективни договори во јавниот сектор, стабилна и постојана вработеност и укинување на новиот дисциплински закон.

Вработените во градскиот транспорт во Атина соопштија дека ќе се приклучат на штрајкот на почетокот и крајот на работниот ден, за да им дадат поддршка на државните службеници. Поради тоа, денеска метрото и трамвајот во грчката престолнина ќе сообраќаат од 9:00 до 17:00 часот, а автобусите и тролејбусите од 9:00 до 21:00 часот.

И железничките работници се приклучија на штрајкот, поради што денеска нема да сообраќаат возови низ целата земја, пренесува „Катимерини“.

Главниот протестен марш во Атина е закажан за 11 часот на централниот плоштад Синтагма.

На 1 октомври веќе беше одржан 24-часовен национален штрајк против новото трудово законодавство, организиран од најголемите синдикати во јавниот и приватниот сектор – АДЕДИ и ГСЕЕ – на кој учествуваа и морнарите, транспортните и железничките работници. Во Атина тогаш се одржаа масовни демонстрации со барање за повлекување на пакетот мерки што го менуваат работното време.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата