Во 2026 година почнуваме со доброволно служење воен рок за жени. Ќе започнеме со создавање на единица од 100 до 150 доброволки, за да можеме жените уште повеќе да ги поврземе со армијата, бидејќи во редовниот професионален состав сме во добра состојба, 17 отсто од кадрите во грчките вооружени сили се жени, што е приближно на светскиот просек, посочи министерот за одбрана на Грција Никос Дендиас за време на учеството на конференцијата на весникот „Нафтемборики“, јави дописничката на МИА од Атина.
Дендиас објасни дека дополнително треба да се создаде „инфраструктура, но и перцепција и култура, така што, ако некогаш биде потребно, жените да можат да служат рамо до рамо со мажите во грчките вооружени сили“.
Во однос на учеството на Турција во европската програма САФЕ за финансирање одбранбени проекти, за кое грчкиот премиер на неколку пати има повторено дека сè додека постои „casus belli“, односно закана за војна, Атина нема да даде зелено светло за Анкара, Дендиас објасни дека регулативата не поставува услов за едногласност од САФЕ, но „сепак, постои обврска од Комисијата дека ќе го донесе овој договор со предлог да биде едногласно изгласан“.
- Мислам дека тоа што го кажува премиерот е логично и е очигледно: Како ќе учествува во европски финансиски инструмент една земја што има издадено закана за војна против земја-членка на Европската унија? И земја што окупира дел од друга држава, има и други незаконски активности, итн.? Знаете, никој од нас не е „мразач на Турци“, ниту некој што не посакува добри односи со Турција, но за да постојат добри односи треба да бидат искрени, а искрени односи значи едниот да ги почитува законските права на другиот, посочи Дендиас.

