Автопревозници во БиХ ги блокираа патиштата, царинските терминали и граничните премини

1.09.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Автопревозници во БиХ ги блокираа патиштата, царинските терминали и граничните премини

Главниот координатор на Конзорциумот, Велибор Пеулиќ, изјави дека досега не се регистрирани инциденти, но дека се забележани зголемени гужви на приодите кон градовите, каде што е прекинат синџирот на снабдување, јави Анадолија.

Според податоците на БИХАМК, товарните терминали моментално се блокирани на граничните премини Изачиќ, Велика Кладуша, Каменско и Рача, додека патничкиот сообраќај засега се одвива без поголеми проблеми.

Најкритична е состојбата во Сараево, каде што дошло до целосен сообраќаен колапс по блокадата на левата лента и царинските терминали, вклучувајќи го и терминалот во Рајловац. Иако организаторите нагласија дека протестите нема да го попречуваат патничкиот сообраќај, долгите колони камиони практично го отежнуваат нормалното движење на возилата.

Пеулиќ истакна дека превозниците губат и до 14,5 часа дневно на граничните премини поради, како што тврди, неефикасноста на администрацијата.

Организаторите на протестот повторија четири клучни барања: враќање на довербата и заштита на граѓаните на БиХ кои работат како возачи во Европската Унија, поврат на акцизите, решавање на статутарните проблеми на превозниците преку измени во правилниците и законите, како и зголемување на ефикасноста на граничните служби.

Поради блокадите, на возачите им се препорачува да користат алтернативни правци каде што е можно и да ги следат известувањата од надлежните институции. Превозниците порачаа дека блокадите ќе продолжат сè додека нивните барања не бидат исполнети.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата