Стварно не знам кога точно ми пукна филмот. Дали ноќта кога спиев во влезот или од претходно, стварно не знам. Можеби тоа било некаде запишано уште пред да се родам? Кој ќе знае? Знам само дека повеќе не сакав да и дозволам на кучката-судбина да си игра мајтап со мене.
Да се најде стан, тоа е сега најважно, но за да се најде, прво мора да се најдат пари. А за да се најдат, мора добро да се одработи! Јас сум барем скопска риба. Сум работела по милион шанкови, откачуеле по мене у градов. Обожаватели, пун курац. Типсови исто така. Башка и кога бев “копиљ у средно” и кога не работев, често висев по шемата.
Последниот час обично беше наменет за шминкање. Ќе се стокмев и директ у “Тропикана” на дневна шема и на загревање за вечерната. Кога ќе влезев внатре, вилици им паѓаа на сите до еден, а фала богу се уште добро изглеам и покрај гомната низ кои поминав.
Дојде време да се искористат старите познанства и симпатии. Тие што еднаш биле спремни да платат, сега конечно ќе добијат шанса за тоа. Влегов во кафичот на Ќелавиот, кај што работев порано. Седеше сам на една маса во ќошот и читаше некоја жолта штампа. На времето ми бараше секој ден. Ми викаше: Морам да те ебам, па нека си ми последна! Кажи што треба да направам за тебе и одма правам, само да те ебам! Ќе те шетам, ќе те частам, ќе те облакам, на коленици ќе ти паѓам, само спаси ме од макиве! Многу ми го дигаш! Вчера ебев една, ама само на тебе мислев! Затоа и свршив, иначе немаше да свршам до сабајле! Дај ми и нема да се каеш! Многу сум добар у секс! Прашај која сакаш од тие што сум ги дупел!
Ова го верглаше со години, секогаш кога ќе ме начекаше некаде на само: на улица, во бутик, во супермаркет, во кино, на точак во парк, на клупа, на кеј! Не ме палеше зашто беше многу гломазен и бајги неотесан, сакам да кажам, прост до немајкаде. Го знаев уште пред да ме вработи. Типичен скопски фраер на батерии. Целата младост му помина у стилот – тато носи, мама меси.
Киснеше по кафани од сабајле до вечер и муваше некои спонзоруши што ги шеташе секој викенд у Солун на шопинг. Бев една од ретките во тврдата скопска шема, којашто не успеа да ја легне. Кога ме виде очите му светнаа као на џанак пред да се упука. Срипа како попарен и почна да се лигави од радост.
– Опни ми шамар, мора да сањам!
– Сигурно би те опнала ако сањаш и без да ми кажеш!
– Љубави, па од каде ти овде!? – ги рашири рацете и ме гушна носталгично топло и срдечно.
– На поминуење сум, бејбе, па реков, чекај да видам, старото другарче дали е уште тука!
– Како порано не ти текна да поминеш?
– Ако ти сметам, да си идам?
– Како ма да си идеш!? Нема шанси! Анџак си дошла! Ќе зденеме по нешто од сабајле за добредојде?
– Да зденеме, бе Ќелав! За мене “џек”!
– Набаци овде два “џека”! – викна по конобарката и ми се сврте – И кај си ти ма, толку време!? Као у земја да пропадна!
– Го шетав светов, бејбе! Работев!
– Не се омужи?
– Никад.
– Најбољите риби умираат сами! – побрза да ме утеши кога веќе ја голтна јадицата.
– И глупите! – нафрчено го надополнив, кога за секунда ми помина низ глава зошто сум дојдена.
– Добро, ти не си од глупите! – се подзагрижи да не отворил за почеток преинтимна тема, којашто не ми е пријатна за муабет и се обиде да ја скрати.
– Ти се ожени ли? – одма прашав, за да му покажам дека можеме да збориме на било која тема.
– Што да се женам уште за малце.
– Уште не ти иде памет у глаа! Бејбе, ако продужиш вака, сам ќе останеш. Ти треба жена покрај тебе! Нешто стабилно! За некое време ќе им станеш досаден и на тие копиљачките што сега ги муваш.
– Љубави, обратно е, они мене ми се збоктисани!
– Ај сега не какај!
– Стварно ма, очи да немам ако те лажам!
– Не ти верувам, бејбе! Кој те ебе! Си заборавил што ми збореше на времето!?
– Што сум ти зборел!?
– Дека за искусен маж нема нешто поубаво од крцкалче!
– Добро ма, сега не мислам така!
– Бегај бе! – го дразнев како вепар у кафез.
– Веруј ми љубави! Ваков да се напраам ако те лажам! – го свитка показалецот за да ми покаже.
– Што ти фали бе!? Што си прајш бајрам со паметот!?…
… – Повелете! – ни влезе у муабет конобарката која го донесе полниот ајнцер и не послужи.
– Фала срц! Ај сега оди зачисти го кафематот. Ќе почнат да доаѓаат гости! – ебачки и нареди и се заврте окљафтен кон мене, додека конобарката се оддалечуваше од нас – Што викаш на тоа!?
– На кое!? – продолжив да се правам “на безвезе”.
– Па… јас и ти… вљубени од седмо три!?
– Не сери сега! Сум дошла да те видам другарски…
– Глеј! Отсекогаш сум сакал само тебе да те ебам! Знаеш, да не се повтарам! Копиљачкиве се гола вода у споредба со тебе!
– Од кај знаеш кога не си ме пробал?
– Не мора да сум те пробал за да знам! Ти пишуе у очи!
– Ма немој! А што ми пишуе!? – го играв како јо-јо.
– Дека за секс, краљица Марго може вода да ти носи!
– Стварно!?
– И Марго и Клеопатра и … леди Дијана!
– Кај ги најде, сите мртви! – направив фаца-оцет, божем ми се згади.
– Добро де, мислам… додека биле живи.
– Ти као сите овие да си ги пробал!?
– Не, али сум читал у разни фељтони за нив! Се пердашеле ко штуки!
– Колку што знам, порано не беше многу по читањето.
– Не сум ни сега! Кој видел аир од книги, љубави!? Никој! Купуем чат-пат списанија, весници… решавам крстозбори… Следам што се случуе, се информирам!
– И како бизнисов? Прајш пари? – интуитивно му заиграв топло-ладно како права професионалка, иако го правев тоа за првпат.
– Не ми бегај сега од тема!
– Од која тема ти бегам? – се насмеав курвински заводливо, позаводливо – здравје.
– Па… од таа дека сакам да те ебам!
– Нема што да бегам! На таа тема го имаме завршено муабетот уште одамна!
– Имам гајба, одма тука, кај Рекорд! – се распекмези до максимум – Можеме да одиме, ќе ти платам!
– Што рече?
– Не се вреѓај!
– Како бе Ќелав да не се вреѓам!?
– Така! Нема зошто да се вреѓаш! Сум ти понудил пари и порано!
– Не се сеќавам дека сум ти ја прифатила понудата! Исправи ме ако грешам?
– Не си прифатила, ама еве пак ти нудам! Онака, другарски ти нудам, не као на курва! Само да те опнам! Морам да те опнам! Голем мерак ми правиш! Цел живот те имам на нишан! Учини ми, те молам! – почна да губи контрола, откако компасот му остана кај мене.
– Не се лути, ама никад не си ми се свиѓал нешто посебно! – зедов да го летам кај сакам.
– Ама, барем малце ти се свиѓам! Признај!
– НЕ! – одговорив, иако вешто направив фаца како за ДА.
– Кажи колку! – толку се вжешти што почна да чади низ уши – Не жалам пари кога си ти у питање!
– Ќелав, не заебавај никад за пари не сум се ебела! – почнав кобајаги да гувеам како млада невеста.
– Само овој пут, те молам! – се превиткуваше пред мене како да го мачат цревни паразити – И после тоа, немој више! Еднаш ко ниеднаш! Ќе платам! Петсто евра ќе бидат у реду! – ја извади петстотката од џебот, додека рацете му се потеа како на љумфер – Земи!
– Ќелав, врати назад парите и не ме курчи! – подвикнав строго, за да го скријам прекумерното лачење на плунка во мојата уста предизвикано од мотивирачката банкнота.
– Земи ма кога ти давам! Земи док не ме видел некој! Земи нема да се покаеш!
Ги земав без око да ми трепне и ги ставив во несесерот за шминка. Ако глумев уште некое време можеше да му проработи суетата и да се премисли. Петсто евра! Мојот прв хонорар ветуваше дека срамежливо ми се насмевнува блескава кариера.
ВЕЧЕР пренесува дел од романот каде е опишан животот на една “ноќна дама” од високите скопски кругови, чии клиенти биле познати градски фаци, политичари, бизнисмени… Автор на делото е актерот Сашо Тасевски, а издавач: Матица, во чија книжарница може да го најдете овој провокативен роман на Тасевски, “Угурсуз”