Го фатив едно попладне кое беше налик на оние од детството, златно, топло, замрено, со по некој пешак кој со весник ја покрива главата од жешкото сонце. Без возила, нема калабалак…градот станува она што е кога ќе замрат неговите жители.
Не, исчезнат, туку прилегнат, со засукани ногавици, ладејќи ги нозете, или со црево во двор, или во леген во стан, но сите комшии во заедничка мисија на масакрирање зрел бостан. А стаса рано годинава или можеби е од Анадолија, сеедно, добар аспект на глобализацијата.
Знаеше златото на денот да ме изм’кне од дома во една потполно бадијалџење, ќе се качев на точак и немаше точка каде не можев да стигнам. Сеуште доволно близок со пријателите да можеш да му се навалиш на оградата и со мангупска свирка го дигнеш говедото од кревет, кој ја познава оригиналната хармонија на ноти која е таен повик за собор на тараба.
Ќе ѕирнеше, ќе ги земеше цигарите и дрвевме без врска. Не дека немавме попаметна, ама онака, уживанција каква можеш само да налеташ по пладневните сокаци на 50 дивизија, Леринска, Преспанска…
Одамна таму не сум бил, а со години уживав во маалските посети, беа нешто поразлично од сабајлечкиот упад меѓу две работи или вечерното собирање за искачање. Маалските собири по ручек, врвна бадијалџиска работа, вредна колку и движењето за слобода и независност.
Фрлен точак пред зграда, на клупи кај кошот, пред продавницата за лимонада со клакер сода, семкарницата, чешмичката, моите култни места кои денес не ме гледаат, ги одминувам или тие мене. Секојдневно градот го крстарам со автомобил и е страшно јузер анфрендли, нервоза, топло ни клима не помага, надркани шофери и зомби фуфи во нивните со перверзија заработени полукамиони од возила газат се пред себе.
Така е се додека не седнеш на точак, тогаш си веќе во друга димензија. Велосипедот е совршен за овој град и покрај се, едноставно е толку компатабилен што треба не само да се врати туку да биде на грбот на овој град. Со велосипедот ќе се врати онаа кротка душа на градот.
Не, моторите се бучни, моторџиите сакаат повеќе други да уживаат во галамата, чаламот моторџиски ми е претежок, усилен, но точакот има шарм. Сцена на цело семејство како минува покрај патеката возејќи накај парк. Шизикот на рам ја ставил цурата и одат во ист правец додека таа се тивко кикоти.
Ај предизвикај такво нешто со кола или мотор? У кадар ми улетува еден пријател, и ми измамува насмевка, облечен у фармерка со шпиц чизма го зачешале ѕиваните и ја запукал. Не, не е умрен тој дух, жив е само немаме време, а маалските деца пак го тераат филмот успевајќи маестрално да ја одржат синхронизацијата во кружење со точаците околу местото за серва додека минуваат автомобилите, а фахманите играат два по два со малку издишан фудбал за да може полесно финти да се прават.
Неодоливо ве потсетува на ОНА ваше време? Ги викам сите клинци од улицата и кошот пред колонијалот и ги честам сок и сладолед и тоа го правам само од една побуда – што тоа толку ни фалеше во моето време.
Возбудата кога некој ќе купеше јупи и го сркавме едно шишенце од четврт литар десет души, не се опишува ако не си ја доживеал, затоа ги честам, заради себе, знам колку им значи и ќеф прави кога устата ти е преполна со прашина од баскет, серва, камај…
Ех, камајот доаѓаше кога ќе се стемни, тоа беше врвна трилер возбуда. Додека старците хипнотизирано гледаа како маршалот прима цвече од некоја расна омладинка или посета на некој од третиот свет, ние ја сркавме темницата како да е најќефлиски пудинг од чоколадо. И сега се стресувам кога ќе ми текне на полноќните прикрадувања низ дворовите за да го фатиш жив за коса од зад грб. Каков триумф!!!
Или пак жмурките на кои им претходеше долг ритуал на “компанијамесоборанија”. Не, баш сум океј, не ме пукнала носталгија до толку да денес се ми е смачено иако и малата куќичка во Маџер маало ја срушија. Не, океј сум, само мака ми е што мислите ги трујам со мистерии дали можеш да се удавиш во кофа со вода или кога новинарите и премиерот си играат држ-недај, сакам мозокот да го фрлам како фризби и да го барам пола саат каде е, барем додека почне утакмицата од четвртфинале, а потоа трескавично го барам ТВ Загреб 2 само да не ги слушам коментарите како од погребално.
Ќе ми се направи ли ќеф и ова лето, оние денови на јули кога градот опустошува, кога галамџиите ќе отидат да галамат во други краишта и кога накратко спокојот ќе се врати како да никогаш не заминал одовде. А кај ќе одам, тука сум.