Претседателот на Украина, Володимир Зеленски денеска изјави дела е подготвен рамковниот економски договор со САД, но оти сè уште не е одлучено за безбедносните гаранции за Киев.
- Рамковниот договор е прв чекор кон сеопфатен договор, кој треба да го ратификува украинскиот Парламент. Тоа е само почеток, тоа е само рамковен договор. Тоа може да биде голем успех, а може едноставно и да исчезне, истакна Зеленски.
Тој додаде дека тоа ќе зависи од разговорот со американскиот претседател Доналд Трамп. Предвидено е на 28 февруари Зеленски да има средба со Трамп во Вашингтон.
Зеленски посочи дека главни теми со кои сака да разговара со Трамп е дали САД планираат да ја прекинат воената помош за Украина, а ако тоа се случи дали Киев ќе може да купува оружје директно до САД. Тој истакна и дека сака да знае дали Украина може да ги користи замрзнатите руски средства за инвестиции во оружје и дали Вашингтон планира да ги укине санкциите кон Русија.
Претходно, украинскиот премиер Денис Шмихал потврди дека Украина и САД постигнале прелиминарен договор за широк економски договор, кој вклучува американски пристап до украинските ретки минерали.
По неколкудневни преговори, Украина и САД ќе потпишат прелиминарен договор, но деталите од целосниот договор, вклучително и американските безбедносни гаранции, кои украинските власти ги сметаат за клучни, сè уште треба да се договорат, наведе Шмихал./МИА