Во Лондон почнува прославата на 80-годишнината од завршувањето на Втората светска војна

5.05.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Во Лондон почнува прославата на 80-годишнината од завршувањето на Втората светска војна

Безусловната капитулација на нацистичка Германија стапи во сила на 8 мај 1945 година и тој датум се слави како Ден на победата во Европа, а британската влада планира низа настани за одбележување на годишнината.

Одбележувањето почнува денеска кога познатиот лондонски часовник Биг Бен ќе отчука пладне, кога ќе се прочитаат извадоци од говорот на британскиот воен премиер Винстон Черчил.

Повеќе од 1.300 припадници на британските вооружени сили потоа ќе маршираат низ центарот на Лондон од зградата на парламентот до Бакингемската палата, а ќе ги гледаат кралот, кралицата Камила, принцот Вилијам и неговата сопруга Кејт, заедно со премиерот Кир Стармер и воени ветерани. Украинските вооружени сили исто така ќе учествуваат за да се покаже поддршката на Велика Британија за нејзината војна против Русија.

По завршувањето на поворката, ќе се одржи прелет на историски воени авиони и акробатскиот тим Црвени стрели на Кралското воено воздухопловство, кои кралското семејство ќе ги набљудува од балконот на Бакингемската палата. Кралското семејство потоа на чајна забава во палатата ќе биде домаќин на педесетина ветерани и други кои го преживеале војната.

- Оваа 80-годишнина е момент на национално единство. Време е за прослава на тешко стекнатиот мир, оддавање почит на споменот на оние кои ги загубија животите и сеќавање на жртвите што многумина ги поднесоа за да ја извојуваат нашата слобода, рече Стармер.

В четврток, на 80-годишнината, кралското семејство ќе присуствува на благодарствена миса во лондонската Вестминстерска опатија на која ќе говори и Стармер.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата