На лондонската берза цената на барелот по пладне беше речиси непроменета од вчерашното затворање на трговијата и изнесуваше 74,45 долари. Вчера го затвори тргувањето на минус 1,59 долари.
Позначителни промени денеска нема ниту на американскиот пазар каде барелот се тргуваше по 70,87 долари. Вчера го затвори тргувањето на минус 1,67 долари.
Трговците вчера беа загрижени од порастот на залихите во САД бидејќи сигнализира послаба побарувачка кај најголемиот светски потрошувач.
Залихите на сурова нафта се зголемиле за дури 8,7 милиони барели минатата недела, а залихите на бензин за 2,2 милиони барели, покажаа вчера податоците на Министерството за енергетика. Само залихите на дестилати како што е нафтата за греење паднале, за 5,5 милиони барели.
Побарувачката може да биде попречена и од трговските тензии меѓу САД и Кина, бидејќи тие негативно ќе влијаат на економскиот раст, предупредуваат аналитичарите.
САД воведоа царини од 10 отсто за кинескиот увоз минатиот викенд, а Пекинг возврати со давачки за увозот на американска нафта, течен природен гас и јаглен.
Потегот на Кина е сè уште умерен, бидејќи рафинериите од САД увезуваат релативно мали количини нафта.
Некои царини може да ги зголемат цените на нафтата, но кога сè ќе се собере и одземе, тие веројатно ќе ги намалат бидејќи може негативно да влијаат на глобалната економија, а американскиот претседател Доналд Трамп исто така покажа дека е подготвен да понуди исклучоци за енергетските производи за да го ограничи влијанието врз понудата, објаснуваат аналитичарите на BMI.
Денеска Саудиска Арабија ги стабилизира пазарите со зголемување на официјалната продажна цена на барел за испорака во март до азиските купувачи. Цената сега ќе биде речиси четири долари повисока од реперите во Оман и Дубаи, во услови на силна побарувачка во Кина и Индија и прекини во снабдувањето од Русија.
Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) одделно објави дека барел кошничка нафта на нејзините членки вчера поскапе за 27 центи на 77,17 долари.