„Тој изгледа многу симпатично, но немам поим каква улога би играл во сопствената земја. Сè уште не сме таму. Гледаме и проучуваме многу работи. Многу е рано, прерано да се каже. Не знам дали ќе се вклопи во својата земја“, рече Трамп.
„Не знам дали неговата земја ќе го прифати како лидер. Ако луѓето го прифатат, тоа сигурно би било добро за мене“, додаде Трамп истакнувајќи дека не разговарал со Пахлави.
Од друга страна, американскиот претседател рече дека ќе се сретне со лидерката на венецуелската опозиција Марија Корина Мачадо, а ја пофали вршителката на должноста претседателка на Венецуела, Делси Родригез.
„Мислам дека само ќе разговараме“, рече Трамп за Мачадо. „Не сме се сретнале. Таа е многу фина жена. Мислам дека само ќе разговараме во принцип“, додаде републиканскиот претседател.
На прашањето дали би сакал Мачадо да му ја додели Нобеловата награда за мир, тој одговори: „Не, не го кажав тоа. Таа е добитничка на Нобелова награда“.
Претседателот рече дека вчера имал многу добар разговор со Делси Родригез. „Со неа разговарав многу добро. Мислам дека ќе дојде, на крајот... Ќе ја посетам и нејзината земја“, рече тој.
Американскиот претседател исто така изјави за „Ројтерс“ дека Украина, а не Русија, го попречува можниот мировен договор.
Изјавата на американскиот лидер е во остра спротивност со реториката на европските сојузници кои велат дека Москва има мал интерес да ја заврши војната во Украина, објави британската новинска агенција.
Трамп во ексклузивно интервју во Овалната соба вчера рече дека рускиот претседател Владимир Путин е подготвен да ја заврши својата речиси четиригодишна инвазија на Украина. Зеленски, рече американскиот лидер, беше порезервиран.
„Мислам дека е подготвен да склучи договор“, рече Трамп за рускиот претседател. „Мислам дека Украина е помалку подготвена да склучи договор“, додаде Трамп.
Претседателот на САД беше прашан зошто преговорите предводени од САД сè уште не го решиле најголемиот копнен конфликт во Европа од Втората светска војна. „Зеленски“, одговори Трамп.
Зборовите на Трамп сигнализираа ново разочарување од украинскиот лидер, забележува „Ројтерс“. Двајцата претседатели долго време имаат нестабилни односи иако нивните контакти се чини дека се подобрија во текот на првата година од вториот мандат на Трамп.
Во последните недели фокусот на разговорите предводени од САД беше ставен на повоените безбедносни гаранции за Украина. Целта е да се осигури дека таа нема повторно да биде нападната од Русија откока ќе се постигне мировен договор. Генерално, американските преговарачи вршат притисок врз Украина да се откаже од својот источен регион Донбас како дел од секој иден мировен договор.
Украинските претставници беа силно вклучени во последните разговори, кои ги водеа специјалниот претставник на Белата куќа, Стив Виткоф, и зетот на Трамп, Џаред Кушнер. Европските претставници се прашуваа дали Путин би се согласил со некои од условите што ги договорија Киев, Вашингтон и европските лидери.
Трамп во интервју за „Ројтерс“ изјави дека не бил свесен за потенцијалното патување на Виткоф и Кушнер во Москва за кое „Блумберг“ објави претходно. На прашањето дали ќе се сретне со Зеленски следната недела на маргините на Светскиот економски форум во Давос, тој одговори: „Би се сретнал, ако е таму... Ќе бидам таму“.
Американскиот претседател не објасни зошто смета дека Зеленски бил резервиран во врска со разговорите кога беше прашан од „Ројтерс“. „Мислам дека едноставно тешко му оди таму“, рече американскиот претседател. Зеленски јавно ги отфрли сите територијални отстапки кон Москва истакнувајќи дека уставот на земјата му забранува на Киев да се откаже од која било територија, потсетува „Ројтерс“.
Трамп: Евентуалната акција во Иран мора да биде брза и одлучна
Американскиот претседател Доналд Трамп го информира својот тим за национална безбедност дека сака евентуалната американска акција врз Иран да биде брз и одлучен напад врз режимот во Техеран, објави „Ен-би-си њуз“ (NBC News) повикувајќи се на два неименувани извори.
Според нив, Трамп сака брза акција во Иран за да избегне долготраен судир.
Неименуваните извори тврдат дека Трамп е подготвен да ги исполни своите ветувања дадени на демонстрантите во Иран, дека ако властите продолжат да ги убиваат, САД ќе го нападне Иран.
Шефот на иранската дипломатија Абас Арагчи во вчерашното интервју за американската телевизија „Фокс њуз (Fox news) го предупреди Трамп да не ги повторува грешките од претходните воени судири, нагласувајќи дека Техеран е подготвен за дипломатија.
- Мојата порака е, не ја повторувајте грешката што ја направивте во јуни. Ќе го добиете истиот резултат … Знаете, ги уништивте објектите во јуни, но технологијата не може да се бомбардира, ниту решителноста не може да се бомбардира, изјави Арагчи алудирајќи на американските напади врз три нуклеарни објекти во Иран, како дел од 12-дневната војна меѓу Иран и Израел.
Тој наведе дека Техеран немал позитивно искуство во преговорите со САД, но сепак Иран е подготвен за преговири и дипломатија.
- Имаме докази дека во текот на изминатите 20 години, САД секогаш бегале од дипломатијата, по војна ја стопирале дипломатијата. Мојата порака е дека помеѓу војната и дипломатијата, дипломатијата е подобар пат. Иако немаме позитивно искуство од САД, дипломатијата е сепак многу подобра од војната, посочи Арагчи.
Тој, исто така потенцира оти дека Техеран нема никакви планови за егзекутирање на учесниците во масовните протести во Иран.
Трамп, во интервју за „Си-би-ес њуз“ пред два дена, предупреди дека ќе преземе многу силни мерки ако Иран почне да ги беси демонстрантите. Но, тој вчера изјави оти се намалиле убиствата извршени од иранските власти при задушување на протестите и оти „веродостојни извори“ тврдат дека засега не се планирани масовни егзекуции.
Организацијата „Активисти за човекови права во Иран“ (Human Rights Activists in Iran), со седиште во САД, соопшти дека за време на протестите во Иран загинале 2.571 човек, а приведени се 18.100 луѓе.
Иранските власти најавија брзи судски процеси против приведените демонстранти. Главниот обвинител на Иран, Мохамад Мовахеди Азад, најави дека демонстрантите ќе бидат обвинети како непријатели на Бога, за што, во согласност со иранските закони, предвидена е смртна казна, која се извршува со бесење.
Во меѓувреме, голем број земји им препорачаа на своите граѓани да не патуваат во Иран или да ја напуштат земјата. Велика Британија привремено ја затвори Амбасадата во Техеран.
Трамп вчера ги повика Американците да го напуштат Иран, а повлечен е и дел од персоналот во американската воена база во Катар, како „мерка на претпазливост“.
Иранскиот воздушен простор вчера беше затворен речиси пет часа, поради што голем број летови беа откажани, одложени или пренасочени. Воздушниот простор не беше затворен само за меѓународните летови, што можеа да се реализираат само со официјална дозвола.

