Трамп најверојатно ќе бара Би-би-си да му исплати отштета од една до пет милијарди долари

15.11.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Трамп најверојатно ќе бара Би-би-си да му исплати отштета од една до пет милијарди долари

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека следната недела во САД најверојатно ќе поднесе тужба против Би-би-си и ќе бара отштета од една до пет милијарди долари поради монтажа на неговиот говор од 6 јануари 2021 година, денот кога неговите поддржувачи го упаднаа во Капитол.

- Ќе ги тужиме најверојатно следната недела за отштета од една до пет милијарди долари. Мислам дека треба, во смисла дека дури и признаа дека тоа е измама. Ги извртеа моите зборови, посочи синоќа Трамп.

Трамп наведе и дека за време на викендот планира да разговара со британскиот премиер Кир Стармер. Според американскиот претседател Стармер се обидел да го контактира и оти е „многу засрамен“ од инцидентот.

Адвокатите на Трамп првично ѝ дадоа на Би-би-си рок до вчера да го повлече својот документарец или да се соочи со тужба од „не помалку од“ една милијарда долари. Тие исто така побараа Би-би-си да се извини и да му надоместат на Трамп за „значително нарушување на репутацијата и претрпената финансиска штета“.

Британскиот јавен сервис призна дека монтажата на говорот на Трамп било „погрешна процена“ и пред два дена испрати лично извинување до американскиот претседател. Но, Би-би-си тврди дека Трамп нема основа за тужба.

Документарецот на Би-би-си вклучува три извадоци од говорот на Трамп, изменети за да изгледа дека тој го поттикнал нападот врз Капитол. Неговите адвокати наведоа дека документарниот филм е „манипулативен и клеветнички“.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата