На средбата со Путин в петок, Трамп ќе се обиде да издејствува прекин на огнот, вакво уверување добиле европските лидери на денешната видео конференција со американскиот претседател, одржана во обид да ги намалат стравувањата дека рускиот лидер во Алјаска би можел да издејствува поволни позиции за ставање крај на војната во Украина. Трамп, Зеленски, Макрон, Мерц, Стармер, Фон дер Лајен, Кошта, Руте беа дел од жешката онлајн линија, по која европските лидери соопштија дека Украина мора да остане на масата на преговори.
-Разговорот со Трамп помогна да се разјаснат неговите намери, а ние да ги изразиме нашите очекувања. Тој сака да се постигне прекин на огнот, а ние сакаме се што се однесува на Украина да се разговара со Украина. Територијалните прашања што спаѓаат под надлежност на Украина да бидат преговарани само со украинскиот претседател. , изјави Емануел Макрон, претседател на Франција
-Му предочивме на Трамп дека Украина мора да биде на масата на сите идни состанови, дека прекинот на огнот мора да дојде пред да почнат преговорите, а дека признавањето дека територијата окупирана од Русија не смее да постои како прашање. , изјави Фридрих Мерц, канцелар на Германија.
-Треба да има заеднички притисок врз Русија, треба да има санкции и треба да има порака дека ако Русија не се согласи на прекин на огнот во Алјаска, овој принцип ќе функционира. Путин блефира. , изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Петочната средба Трамп – Путин, прва по четири години, ќе се одржи во воздухопловната база Елмендорф-Ричардсон во градот Енкориџ. На маса според најавите несомнено ќе се најде и темата за размена на територии и статусот на Донбас во услови кога Русија контролира една петина од украинската територија. Белата куќа со воздржани тонови околу епилогот од самитот.
-Мислам дека ова ќе биде „вежба за слушање“ на претседателот. Само една страна што е вклучена во оваа војна ќе биде присутна, па затоа претседателот треба да оди и да стекне поцврсто и подобро разбирање за тоа како би можеле да ја завршиме оваа војна. , изјави каролин Ливит, портпаролка на Белата куќа
И повеќето аналитичари не очекуваат чуда во Алјаска, но очекуваат мачна шах партија, по која ќе биде појасно колку руските апетити се реално прифатливи во однос на територијалните отстапки.
-Вистинската метрика тука, лицето кое се тестира е Путин. Прашањето не е дали Трамп ќе покаже цврстина, туку дали Путин ќе може повторно да ја активира КГБ магијата за да воспостави блиски лични односи за да го добие она што го сака. , изјави Џон Болтон, екс советник за национална безбедност на Трамп
Москва денеска соопшти пред средбата во Алјаска украинските сили планирале голема саботажа и напади врз цивилни цели во Харков за која би ја обвиниле Русија, а со цел да се минираат обидите за решавање на конфликтот.