Според планот што масовно протече во јавноста, а никој не го оспори, Киев би го загубил целиот Донбас, односно Доњецк и Луганск, како и полуостровот Крим, кои ќе бидат дефакто признати како руски, вклучително и од САД. Фронтот, пак, во Херсон и Запорожје ќе се замрзне долж линијата на контакт. Русија ќе се откаже од преостанатите територии под своја контрола. Зеленски прифати да разговара, Кремљ му порача да не размислува предолго.
-Американската страна ги претстави своите предлози, точките за завршување на војната, односно, нивната визија. Украина ќе направи се за да се осигура дека никој на светот нема да може да каже дека ние сме тие што ја поткопуваат дипломатијата. Тоа е важно. , изјави Володимир Зеленски, претсеател на Украина.
-Подобро е (Зеленски) да го направи тоа сега, отколку покасно. Просторот за слобода на донесување одлуки за него се намалува, бидејќи се губат територии во текот на офанзивните дејствија на руските вооружени сили. , изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Планот од 28 точки, чии креатори се американскиот и рускиот дипломат Виткоф и Димитриев, а несомнено ги опфаќа клучните руски позиции, меѓу другото предвидува:
-Суверенитетот на Украина ќе биде потврден.
-Сите страни да добијат амнестија и да се откажат од идни барања.
- Украина ќе добие безбедносни гаранции.
- Украина ќе вклучи во својот Устав одбивање да се приклучи кон НАТО.
-Бројот на украинските вооружени сили ќе биде ограничен на 600 илјади (од досегашните 850 илјади).
-Замрзнати средства – 100 милијарди долари руски средства ќе бидат искористени за обнова на Украина.
-Русија ќе биде реинтегрирана во глобалната економија и ќе биде поканета повторно да се приклучи на Г8.
-Договорот ќе биде ќе биде надгледуван од Мировен совет предводен од Доналд Трамп.
-По потпишувањето на договорот, прекинот на огнот ќе стапи на сила веднаш.
Вашингтон ги отфрла информациите дека Киев воопшто не бил консултиран.
-Специјалниот пратеник Стив Виткоф и Марко Рубио работеа на предлогот тивко околу еден месец ги ангажираа двете страни, Русија и Украина подеднакво, за да разберат на што би се обврзале овие земји за да се дојде до траен мир. Тоа е добар план и за Русија и за Украина и веруваме дека е прифатлив за двете страни. , изјави Каролин Левит, портпарол на Бела Куќа.
Европската Унија и овој пат остана надвор од масата. Двоецот Кошта – Лајен само кусо порачаа дека за каков било договор треба да се праша и Киев и Брисел.
-ЕУ официјално не е информирана за никакви планови. Затоа е бесмислено, за мене, за нас, да коментирам во овој момент. , изјави Антонио Кошта, претседател на Европскиот Совет.
-Важен е клучниот принцип до кој секогаш сме се придржувале, а тоа е „ништо за Украина без Украина“. , изјави Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската Комисија.
Ова е втор обид на Трамп да издејствува мир, откако претходно пропаднаа неколкумесечните преговори, кои резултираат и со воведување санкции кон Русија.

