Судот и нареди на владата да го намали нивото на емисии на азот за најмалку 50 проценти до крајот на 2030 година, одлука која може да има големи последици за интензивното сточарство.
Состојбата на природните области во Холандија со години се влошува поради емисиите на азот, што и штети на биолошката разновидност. Главен виновник е сточарството.
Пресудата на судот во Хаг ја потврди жалбата на организацијата за заштита на животната средина Гринпис, која се повика на европските регулативи кои ги обврзуваат државите да ја заштитат природата.
Популистичката протестна партија Фармер-граѓанско движење (БББ) е дел од десничарската коалиција од 2024 година и жестоко го отфрла намалувањето на бројот на животните на фармата со цел да се намалат емисиите.
Но, судот рече дека досега преземените мерки биле недоволни.
Судијата укажа на откажувањето на програмата на претходната влада за намалување на емисиите на азот и рече дека досега не се донесени нови мерки од сегашната коалиција. Државата тврдеше дека построгите мерки се неостварливи и ќе имаат големи економски последици./МИА