Украина и САД се во завршна фаза од преговорите за договор за ретките метали, објави украинската вицепремиерка задолжена за европски и евроатлански интеграции Олха Стефанишина на мрежата Икс, но нејзината објава е избришана по само неколку минути.
Стефанишина наведе дека Украина понудила договорот да биде потпишан во Вашингтон за време на состанокот на лидерите на земјите и дека „речиси сите клучни детали“ се завршени.
Шефот на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Андриј Јермак, вчера одржа „конструктивни разговори“ со високи американски претставници за постигнување договор.
„Продолжуваме да работиме. Ова беше конструктивна дискусија. Соединетите Американски Држави се наш партнер и ние сме благодарни на американскиот народ, за поддршката на двете партии - вие бевте со нас во текот на трите години од руската инвазија“, напиша Јермак во објавата на Телеграм.
Претставникот на американскиот претседател Доналд Трамп за Блискиот исток, Стив Виткоф, изјави за Си-Ен-Ен дека Трамп му испратил порака на Зеленски, кој, како што рече, повеќе не се колеба по ова прашање бидејќи сфаќа колку САД направиле за Украина помагајќи ѝ во војната против Русија.