Со протестни маршови, од Атина до Барселона, преку Тајпеј до Вашингот илјадници луѓе изразуваат солидарност и поддршка на Украина. Во предвечерјето на евентуалниот мировен договор, велат дека цената може да биде превисока ако Украина остане надвор од преговорачката маса.
-Пред три години беше последниот ден на мир за мене, последен на мирен живот и од тогаш се се промени. Следниот ден на 24 февруари во 4 по полноќ, јас живеам во Харкив, живеев во Харкив, град кој граничи со Русија и слушнавме експлозии и нашиот мирен живот заврши.
-Трагичен момент бидејќи САД е подготвена да преговара без Украина, правејќи комерцијален договор со Русија./ Имаме голем гнев, голема тага и голема неправда изминативе три години и буквално не можам да спијам добро поради тоа веќе три години, затоа сум тука денеска.
На тригодишнината во Киев пристигнаа и повеќе европски и светски лидери, кои учествуваа на Самитот посветен на Украина. Доминираа пораки - преговори без Киев и ЕУ не смее да има. Претседателот на Украина – Зеленски во обраќањето рече, прв услов за да седне на маса со Путин е размена на сите воени заробеници.
-Мирот може да биде резултат на само избалансирана дипломатија и јасни безбедносни гаранции, а војната е против Украина, па Украина треба да биде на масата за преговори, заедно со Европа. Стратешката цел на Русија е Европа и европскиот начин на живот и нејзината безбедност, а судбината на Европа не треба да биде определена без Европа,- Володимир Зеленски – Претседател на Украина.
-Слободна и суверена Украина не е само во интерес на Европа, туку е во интерес на целиот свет, бидејќи автократите ширум светот следат многу внимателно, дали ќе има последици ако ги нарушите меѓународно признатите граници и го нападнете вашиот сосед,-Урсула Фон Деј Лајен – Претседател на ЕК.
-Не можеме да се вратиме назад, не можеме да се вратиме во ера каде „силата ја прави правдата“. Мора да направиме се што е во наша моќ да и овозможиме на Украина да обезбеди праведен и траен мир, мир кој не може да се постигне без украинците на маса,-Џастин Трудо – Премиер на Канада.
И додека во Киев се демонстрираше европската солидарност, Москва испрати јасна порака. Министерот за надворешни работи на Русија – Сергеј Лавров за време на посетата на Анкара рече дека евентуалниот прекин на огнот ќе се случи кога ќе биде задоволена руската страна.
-Како што веќе кажа претседателот, ние сме подготвени да преговараме и со Украина и со Европа, со сите претставници кои во духот на добрата волја ќе сакаат да помогнат да се постигне мир, но, ние воените дејствија ќе ги запреме кога кога овие преговори ќе дадат тврди, одржливи резултат што одговараат на Руската Федерација,-Сергеј Лавров – Министер за надворешни работи на Русија.
Во меѓувреме, како што изјави украинската вицепремиерка Стефанишина, САД и Украина ги привршуваат преговорите за договорот за ретки минерали, иако неодамна претседателот Зеленски одби да го потпише, зашто како што појасни, само САД имале бенефит од истиот. Украина располага со резерви на ретки минерали чија вредност се проценува на трилиони долари.