Британскиот премиер Кир Стармер го прими шефот на Палестинската самоуправа, Мохамед Мустафа, синоќа во Лондон, откако Даунинг стрит 10 објави пакет за финансирање од 101 милион британски фунти за палестинските територии како знак на „непоколеблива поддршка“ од Велика Британија, јави ДПА.
Стармер за време на состанокот со Мустафа изјави дека разговорите се фокусирале на тоа како што поскоро да се продолжи со прекинот на огнот во Газа и „брзо и обемно да се достави хуманитарна помош“.
Велика Британија најавува пакет за поддршка на палестинските територии, вклучувајќи 101 милион фунти за хуманитарна помош, економски развој, зајакнување на управувањето и реформи.
Стармер се ракуваше со палестинскиот лидер пред неговата резиденција пред да одржи разговори внатре, за време на кои повтори дека решението за две држави меѓу Израел и Палестинците е „единствениот вистински ефикасен начин за постигнување мир“.
„Ова е многу комплицирано, но мислам дека е потсетник дека треба да се справиме со коренскиот проблем на сето ова, а тоа е недостатокот на имплементација на решението за две држави“, рече Мустафа.
Израел го блокираше влезот на храна, гориво, лекови и други хуманитарни залихи во Газа од 2 март. Израел продолжи со бомбардирањето на 18 март, прекршувајќи го прекинот на огнот во долготрајната војна, и зазеде големи делови од Газа со наведена цел да изврши притисок врз исламистичката група Хамас да ослободи повеќе киднапирани израелски заложници.
Светската програма за храна минатата недела соопшти дека нејзините залихи од храна во Појасот Газа се потрошиле за време на блокадата, со што е прекинат главниот извор на егзистенција за стотици илјади Палестинци. /MИА