„Италија има право и должност да работи, заедно со Соединетите Држави и сите оние кои со упорност и храброст се обидуваат да ја избегнат Третата светска војна, за да обезбедиме мирна и просперитетна иднина за нашите деца“, рече Салвини.
Тој нагласи дека мора да се работи за постигнување мир и покрај, како што рече, „воинствените тонови“ од Брисел, но и од италијанските новинари, пренесува Анса.
Салвини го поддржа американскиот претседател Доналд Трамп по вчерашниот судир со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Овалната соба.
Посетата на Зеленски на Белата куќа беше прекината откако тој влезе во жестока расправија со Трамп и американскиот потпретседател Џ.Д. Венс, кои го обвинија за „непочитување“ за време на состанокот во Овалната соба.
После тоа, украинскиот лидер ја напушти Белата куќа без коментар, а Трамп на платформата Truth Social напиша дека Зеленски не е подготвен за мирно решавање на украинскиот конфликт и дека покажал непочитување кон САД.