Речиси еден месец по историската прва средба меѓу делегациите на САД и Русија, Украина утре седнува на преговарачка маса со американските колеги во обид да се договори некаков прекин на огнот. Локацијата е иста, Саудиска Арабијa, само овој пат место во Ријад, средбата ќе биде во Џеда. Иако ќе биде присутен, сепак украинскиот претседател Зеленски формално нема да учествува и нема да биде дел од делегацијата која ќе преговара со САД. Во пресрет на средбата пак, американскиот претседател Трамп навестува добри вести, а соопшти и дека ја кренал забраната за споделување на воени информации со Украина.
„Мислам дека добро ќе поминеме, мислам дека ќе имаме добар резултат во Саудиска Арабија, односно тие се домаќини на разговорите и имаме многу добри луѓе кои одат таму. И мислам дека Украина добро ќе помине и мислам дека Русија добро ќе помине. Мислам дека доста големи работи ќе се случат неделава. / Дали ќе размислите да ја кренете забраната за споделување на информации со Украина? / Само што го направивме тоа, и сакаме да направиме се што можеме за да ја натераме Украина да биде сериозна да се направи нешто.“
Очекувањата според информациите од администрацијата на Трамп се Украина да ги поддржи американските барања за примирје, а најавите се дека ќе стане збор и за договорот за ретки минерали. Американскиот преговарачки тим останува истиот како и за средбата со Руската делегација, во него се државниот секретар Марко Рубио и советникот за национална безбедност Мајк Волц. Од украинска страна пак, тимот ќе го сочинуваат шефот на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак, советникот за национална безбедност и министрите за одбрана и надворешни работи. Високи очекувања има и самиот Зеленски кој на социјалните мрежи напиша дека неговата земја се стреми за мир, а единствена причина зошто војната толку трае е Русија.
„Дипломатијата ќе биде толку силна колку што се силни нашите позиции на фронтот, и ние правиме се што е можно да се осигураме дека потребите на фронтот се исполнети. / Се надеваме на резултати (од средбата) како во приближување на мирот, така и во континуирана поддршка. “
Во пресрет на средбата, од Европската Комисија уште еднаш повторија дека посакуваат скорешен крај на војната, но со праведен и траен мир за Украина. Ситуацијата со големо внимание се следи и во Москва. Портпаролот на Кремљ Дмитри Песков изјави дека од разговорите во Саудиска Арабија ќе се утврдело дали Украина е заинтересирана за мир. Двете страни во меѓувреме продолжуваат со воените дејствија, а а најжестоките борби продолжуваат во регионот на Курск каде руските сили започнаа силна офанзива.