Рускиот режимски весник „Взгљад“ состави и објави „Рејтинг на непријателски влади“ за да ја покаже разликата помеѓу државите што свесно се спротивставуваат на Русија и оние што биле „принудени да го сторат тоа од надворешнополитички околности против нивна волја“, пишува „Слободна Далмација“.
Тие, според „Взгљад“, рангираа исклучиво држави и територии што се наоѓаат на листата на непријателски земји објавена во 2021 година.
Првото место го зазеде Велика Британија со 75 поени, што ги заработи поради санкциите врз руските нафтени компании, но и фактот дека активно се залагаат за префрлање на руски средства во Украина и снабдување со оружје на Киев.
Германија и Франција го делат второто место, со индекс од 70 поени. „Взгљад“ наведува дека обете се земји-членки на Европската Унија кои активно обезбедуваат финансиска помош на Украина. Третото место го заземаат Холандија и Естонија со 65 поени.
Интересно е што Соединетите Американски Држави го зазедоа дури четвртото место со 55 поени, а рускиот весник тврди дека на оваа позиција влијаела одлуката на САД привремено да ја суспендира воената помош за Украина.
Најголемиот број земји се на петтото место. Данска, Италија, Канада, Литванија, Полска, Финска и Шведска - и тие добија по 50 поени.

Следно се Норвешка и Белгија (45), а на седмото место е Хрватска - го дели со Шпанците и Грците со 40 поени. Подолу се Португалија и Словенија (осмо место со 35 поени), додека уште пониско се Унгарија и Луксембург со 30 поени.
Бугарија, Австрија, Ирска, Малта, Романија и Нов Зеланд се на десеттото место со 25 поени.
Взгљад потсетува дека рускиот министер Сергеј Лавров истакнал дека Русија постепено се оддалечува од употребата на терминот „непријателска земја“ и дека го нагласуваат терминот „непријателска влада“, со што сакаат да се осигурат дека државата како целина не е идентификувана како непријателска.

