„Нуклеарните централи продолжуваат да произведуваат и испорачуваат електрична енергија до мрежата од безбедносни причини. Сепак, внатрешните системи на секоја електрана мора да останат оперативни, а објектите користат дизел опрема што е достапна за секоја нуклеарна централа“, соопшти Советот за нуклеарна безбедност (CSN).
За потсетување, шпанската влада го активираше Протоколот 2 од планот за вонредни состојби во Мадрид по масовните прекини на електричната енергија во Шпанија, Португалија и Франција.
Овој протокол предвидува интервенција на државата или локалните самоуправи за контрола на вонредни ситуации во кои може да се појават големи штети.
Постои само едно повисоко ниво на сериозност, а тоа е ситуација 3.
Властите во Шпанија и Португалија работат очајно на решавање на ситуацијата. Тие велат дека ќе бидат потребни помеѓу шест и осум часа за нормализирање на ситуацијата.
Прекинот на електричната енергија ја парализираше инфраструктурата, сообраќајот, комуникациите, како и работењето на аеродромите, железниците и метроата во неколку поголеми градови, вклучувајќи ги Мадрид, Барселона, Севиља и Валенсија.
Компанијата „Ред Електрика“, која е одговорна за снабдување со електрична енергија во Шпанија, вели дека струјата полека се обновува во северните делови.
Националниот институт за сајбер безбедност во Шанија, исто така, спроведува истрага, но сè уште не донеле заклучок.
Шпанскиот премиер Педро Санчез се упати кон компанијата „Ред Електрика“ каде што ќе одржи итен состанок со тимот за управување со кризи.
За потсетување, граѓаните од сите шпански автономни региони пријавија прекини на струјата. Канарските и Балеарските Острови првично не беа погодени од прекинот на електричната енергија.
Поради прекин на електричната енергија, голем број патници останаа во хаос по прекинот на електричната енергија на аеродромот во Лисабон.