Полицијата ги запрела откако со долги светла се упатиле кон детективите и не успеале да ги пригушат светлата на нивното комбе, објави Си-Би-Ес Њуз.
Двајца детективи од округот Фримонт се возеле по државната рута 50 во градот Канон на 26 март, според федералното обвинение. Комбето доаѓало од спротивен правец и ги вклучило долгите светла додека поминувало покрај службеното возило.
Според државниот закон во Колорадо, од возачот се бара да ги затемни фаровите кога друго возило се приближува на 500 стапки (околу 150 метри) од возилото. Детективите го следеле белото комбе GMC и зад него застанале на бензинска пумпа.
Двајцата мажи во комбето, Цезар Рамон Мартинез Солис (41) и Хумберто Иван Амадор Гавира (24), двајцата од Мексико, покажале американски визи како идентификација.
Детективите побарале дозвола да го пребараат комбето, а Мартинез Солис, кој возел, се согласил. Во товарниот простор детективите пронашле приближно 150 кутии со муниција калибар ,308 и околу 30 кутии со муниција калибар 7,62. Секоја кутија била означена дека содржи 1.000 куршуми.
Men arrested while hauling 180,000 rounds of ammo from Utah into Colorado https://t.co/1d9Pcr5HUX
— CBSColorado (@CBSNewsColorado) April 19, 2025
Според федералниот извештај, ниту еден од двајцата мажи немал документација што ќе им овозможи легално да поседуваат оружје или муниција, дури и за лов или спортски цели. Тие дошле во Колорадо од Јута.
Канцеларијата на шерифот на округот Фримонт потоа ги приведе мажите и контактираше со американската служба за имиграција и царина (ICE). Тие подоцна биле испрашувани од агенти на ICE, како и службеници од американското Министерство за домашна безбедност и Бирото за алкохол, тутун, огнено оружје и експлозиви.
Мартинез Солис им кажал на истражителите дека тој и неговиот зет, Амадор Гавира, влегле во САД еден ден претходно. Тие отишле во Денвер, купиле комбе, а потоа отпатувале во Солт Лејк Сити и купиле муниција во продавница таму, се вели во извештајот. Визите што ги имале не им дозволувале да превезуваат муниција или оружје преку државните граници.
Мартинез Солис рече дека, колку што знаел, муницијата била наменета за Пуебло (град во Колорадо). Двајцата беа обвинети во средата од федералните обвинители за незаконско поседување муниција од странци со неимигрантски визи.