Писториус: Предлогот на Трамп за зголемување на НАТО-буџетот на 5 отсто „не е на маса“

12.02.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Писториус: Предлогот на Трамп за зголемување на НАТО-буџетот на 5 отсто „не е на маса“

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус денеска го отфрли барањето на американскиот претседател Доналд Трамп земјите-членки на НАТО да го зголемат воениот буџет на најмалку 5 отсто од бруто-домашниот производ (БДП), наместо актуелната цел од 2 отсто.

- Не, целта од 5 отсто не е на маса, изјави Писториус. - Постои барање од американскиот претседател да биде 5 проценти, но самите Американци се уште многу далеку од таа бројка, дополни тој.

Министерот за одбрана на Германија се сретна со новоименуваниот американски секретар за одбрана, Пит Хегсет во седиштето на НАТО во Брисел, каде што беше нагласено барањето на Трамп за зголемено финансирање на одбраната.

Писториус призна дека актуелните нивоа на трошење од 2% или 2,5% од БДП можеби не се доволни, но подвлече дека германските буџетски предизвици прават секое значително зголемување да е многу тешко, особено поради строгите ограничувања на јавниот долг во земјата.

- Мора да бидеме реални во овој момент, рече Писториус.

Одбранбениот буџет на Германија моментално изнесува околу 2,1 отсто од БДП, при што значителен дел од средствата доаѓаат од посебниот фонд од 100 милијарди евра формиран по руската инвазија врз Украина.

Министерот објасни дека за зголемување на германските воени трошоци на 3 отсто од БДП би биле потребни дополнителни 65 до 68 милијарди евра од вкупниот годишен буџет од околу 480 милијарди евра.

- Такво зголемување е невозможно без олеснување на строгите правила за задолжување, истакна Писториус. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата