ОН: Најмалку 700 загинати во конфликтите во Конго

1.02.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ОН: Најмалку 700 загинати во конфликтите во Конго

Според портпаролот на ОН, Стефан Дијарик, во судирите повредени се 2.800 лица.

Бунтовниците од групата М23, кои се поддржани од Руанда, го зазедоа главниот град на провинцијата Северен Киву, пишува Би-Би-Си.

Бунтовниците сега се движат на југ, кон Букаву, главниот град на Јужен Киву.

Конфликтите во источен Конго датираат од 1990-тите, но ескалираа. Бунтовниците од групата М23, составени од етнички Тутси, тврдат дека се борат за правата на малцинствата, додека владата на Конго вели дека се поддржани од Руанда и сакаат да ја преземат контролата врз источниот регион во земјата богат со минерали.

Во обид да го запре напредувањето на М23, армијата на Конго постави одбранбена линија помеѓу Гома и Букаву, додека стотици цивилни доброволци се мобилизирани да го бранат Букаву.

Бунтовниците М23, претходно неделава, најавија дека ќе ја продолжат офанзивата додека не стигнат до главниот град Киншаса, што се наоѓа на околу 2.600 километри западно.

Министерката за надворешни работи на Конго, Тереза ​​Кајквамба Вагнер, за Би-Би-Си изјави дека Руанда незаконски ја окупира нејзината земја и се обидува да ја смени владата.

Од друга страна, портпаролката на владата на Руанда, Јоланда Маколо, ги негираше обвинувањата, велејќи дека војниците на Руанда биле распоредени за да спречат ширење на конфликтот на нивната територија.

Регионалната организација Заедница за развој на Јужна Африка ја изрази својата поддршка за Конго на самитот што се одржа во Зимбабве, нагласувајќи ја определбата за зачувување на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Конго.

Според ОН, од почетокот на 2025 година, повеќе од 400.000 луѓе се принудени да ги напуштат своите домови, додека 16 војници од јужноафриканските земји загинале во судирите со М23 околу Гома.

Борбите дополнително ја влошија хуманитарната ситуација, бидејќи жителите на Гома останаа без храна, вода и медицински материјали./МИА

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата