ОН: Алармантно е зголемен бројот на егзекуции на украински воени заробеници од руските сили

5.02.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ОН: Алармантно е зголемен бројот на егзекуции на украински воени заробеници од руските сили

Мисијата во Украина соопшти дека добила извештаи за 79 егзекуции во 24 одделни инциденти од крајот на август минатата година, објави Ројтерс.

Меѓународното хуманитарно право забранува егзекуција на воени заробеници и ранети и го смета за воено злосторство.

„Многу украински војници кои се предадоа или беа физички во притвор на руските вооружени сили, беа застрелани на лице место. Сведоците исто така опишаа убиства на невооружени и ранети украински војници“, се вели во соопштението на мисијата.

Коментирајќи го извештајот, украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибига рече дека руските злосторства бараат итен меѓународен одговор.

„Ужасните егзекуции на украинските воени заробеници од страна на Русија покажуваат дека Украина се соочува со вистински ѕверови. Потребни ни се нови и ефективни меѓународни правни механизми и конкретни чекори за да се изведат сторителите пред лицето на правдата“, рече тој.

Руското Министерство за одбрана не одговорило веднаш на барањето за коментар.

Телото на ОН собрало и анализира видео и фотографски материјал објавени од украински и руски извори кои покажуваат егзекуции или тела на починатите, како и спровеле длабински интервјуа со сведоци. Се тврди дека пријавените егзекуции биле извршени во области каде што биле во тек руските офанзивни операции.

Даниел Бел, шеф на мисијата, рече дека некои руски официјални лица „експлицитно повикале на нехуман третман, па дури и егзекуции“ на заробените украински војници.

Мисијата, исто така, документира егзекуција на ранет и инвалидизиран руски војник од страна на украинските вооружени сили во 2024 година, но не дале детали. Украинското обвинителство претходно соопшти дека истражува десетици случаи на егзекуции на украински војници од страна на руските сили.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата