Тој повторно беше избран на претседателските избори што се одржаа во април за да го заврши мандатот на својот претходник Гилеремо Ласо. За време на првиот 18-месечен мандат Нобоа им објави војна на криминалните банди, користејќи декрети за распоредување на војската на улиците, заострување на безбедноста на пристаништата и продолжување на казните за злосторства поврзани со дрога и тероризам.
- Постепеното намалување на бројот на убиства ќе биде цел за која не може да се преговара. Ќе ја продолжиме нашата борба против трговијата со дрога, ќе конфискуваме нелегално оружје, муниција и експлозиви и ќе вршиме поголема контрола врз пристаништата во земјата, изјави Нобоа.
Нобоа најави дека економијата ќе порасне за четири проценти оваа година, иако Централната банка очекува раст од 2,8 отсто. Тој претходно потпиша договор со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во вредност од четири милијарди долари со цел да го намали буџетскиот дефицит од 4,6 милијарди долари и разговараше со претставници на кинеските банки за евентуални заеми.
- Создаваме безбедна, стабилна и конкурентна средина што го промовира растот, ги штити инвестициите и гарантира реални можности. Соработката со САД, Израел и Ел Салвадор ќе ѝ помогне на земјата во борбата против трговијата со дрога и ќе привлече странски, наведе Нобоа.
На инаугурацијата присуствуваа претседателите на Колумбија и на Перу, Густаво Петро и Дина Болутаре, а во име на американскиот претседател присуствуваше американскиот секретар за здравство Роберт Кенеди Помладиот.