Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, пред да се качи во авионот за Вашингтон, изјави дека неговите состаноци во главниот град на САД ќе бидат посветени на „важните и критични прашања со кои се соочува Израел и регион“, објави денеска „Тајмс оф Израел“.
Нетанјаху рече дека меѓу тие прашања се победата над палестинската милитантна група Хамас, ослободувањето на сите заложници кои ги држи оваа група и, како што наведе, соочувањето со иранската терористичка оска во сите нејзини компоненти, оска која го загрозува мирот на Израел, Блискиот исток и целиот свет и дека средбата со американскиот претседател Доналд Трамп може дополнително да го промени Блискиот Исток.
Нетанјаху укажа на фактот дека тој е првиот странски лидер кој се сретнал со претседателот Трамп во Белата куќа по неговата инаугурација, нагласувајќи дека тоа „сведочи за силата на израелско-американскиот сојуз“.
-Тоа е, исто така, сведоштво за силата на нашето лично пријателство, рече Нетанјаху.
Тој додаде дека одлуките што ги донесе Израел во војната против Хамас „веќе го сменија лицето на Блискиот Исток“.
Нетанјаху, исто така, рече дека „одлуките и храброста“ на Израел и неговите војници ја преобликувале картата на Блискиот Исток, но дека верува дека, во тесна соработка со претседателот Трамп, таа карта ќе биде дополнително исцртана „и на подобро“.
-Верувам дека можеме да ја зајакнеме безбедноста, да го прошириме кругот на мирот и да постигнеме извонредна ера на мир преку сила, заклучи Нетанјаху./МИА