- Го изгубивме Копенхаген, потврди Перниле Розенкранц-Тајл, кандидатката за градоначалничка на социјалдемократите.
- Мислам дека тоа е многу тажно, но треба да продолжиме понатаму, рече таа.
Според официјалните изборни резултати, Социјалдемократската партија освои 12,7 отсто од гласовите во Копенхаген, далеку зад Обединетата листа (Црвено-зелен сојуз) која доби 22,1 отсто од гласовите, и Социјалистичката народна партија за која гласаа 17,9 отсто од гласачите.
Кандидатката на Социјалистичката народна партија, Сисе Мари Велинг, ќе биде градоначалничка на Копенхаген, во согласност со договорот со уште шест партии, рече таа на прес-конференција. Социјалдемократите сега се во опозиција.
На национално ниво, Социјалдемократската партија би требало да води 26 општини. Досега водеше 44 од вкупно 98.
Данската премиерка Мете Фредериксен ја призна својата „одговорност“ за слабите резултати.
- Очекувавме назадување, но изгледа дека е поголемо отколку што очекувавме и со тоа, се разбира, не можеме да бидеме задоволни, рече таа.
Ова е вторпат по парламентарните избори во 2022 година и формирањето на коалиција меѓу социјалдемократите, либералите и умерените, нејзината партија да назадува.
Во 2024 година, социјалдемократите беа на второто место на изборите за Европскиот парламент, зад Социјалистичката народна партија.
Данците во вторникот избираа и регионални совети, вкупно пет.
Социјалдемократите би требало да водат еден регионален совет, кој го опфаќа Копенхаген, а либералите три.

