Шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак рече дека Путин се обидува да ја промовира идејата за билатерални преговори со САД за војната што ја почна Русија.
- Путин се обидува да ја протурка идејата за преговори со САД. Но, тој има еден услов: тој сака да одлучува за судбината на Европа – без Европа. И тој се обидува да зборува за Украина – без Украина, напиша Јермак на Х.
Путин претходно денеска јасно стави до знаење дека е заинтересиран за преговори со Трамп за ставање крај на војната во Украина, пренесе ДПА.
- Веројатно е подобро да се сретнеме и, врз основа на денешната реалност, мирно да разговараме за сите области кои се од интерес и за САД и за Русија, изјави Путин за руската државна телевизија.
- Ние сме подготвени за тоа, рече тој.
За време на предизборната кампања, Трамп вети дека може да ја заврши војната во Украина во рок од 24 часа по враќањето во Белата куќа, најмногу поради добрите односи со Путин.
Говорејќи пред новинарите само неколку часа по неговата инаугурација во понеделникот, Трамп рече дека е желен да разговара со Путин. Во средата тој и се закани на Русија со „даноци, царини и санкции“ доколку војната не заврши наскоро.
Украина е во голема мера зависна од поддршката на Западот бидејќи се обидува да ја одбрани инвазијата, пред се од масивните испораки на оружје од Вашингтон. Останува нејасно до каде планира Трамп да ги одржи милијардите за помош за Украина, кои ги вети неговиот претходник Џо Бајден./МИА