Долгоочекуваната изјава на затворениот лидер на ПКК беше прочитана од пратениците на прокурдската Партија за слобода и демократија на народот (ДЕМ) на состанокот „Повик за мир и демократско општество“ што се одржа во хотелот „Елит ворлд“ во Истанбул.
Претходно во четвртокот, високи претставници на ДЕМ се сретнаа со Оџалан, како дел од обновените мировни напори меѓу Анкара и забранетата курдска група.
Повикот потенцијално може да стави крај на конфликтот кој траеше повеќе од четири децении и однесе десетици илјади животи, пишува Euronews.
Оџалан е затворен на островот Имрали во близина на Истанбул од 1999 година, откако беше осуден за предавство.
И покрај тоа што е во затвор, тој продолжува да има значително влијание врз ПКК.
Се очекува раководството на групата да го послуша секој повик од Оџалан, иако некои фракции во групата би можеле да се спротивстават, велат аналитичарите.