Израелската армија започна операција за контрола на Газа

21.08.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Израелската армија започна операција за контрола на Газа

Целта е да се искорени Хамас и да се пресечат неговите врски со локалното население. Израел верува дека радикалното движење држи уште 50 заложници, од кои 20-ина се живи.

-Целта на операцијата е да се нанесе голема штета на Хамас во градот Газа за да се реализираат целите на војната, меѓу кои враќање на киднапираните лица. , изјави Ефи Дефрин портпарол на израелската армија.

Илјадници Палестинци почнаа да го напуштаат градот со еден милион жители и да се засолнуваат кон југ, уште пред да ја добијат најавената наредба за евакуација.

-Веќе сме изморени од секојдневното селење од едно на друго место. Се надевавме дека можеби ќе има примирје. Сите велеа дека ќе има примирје. Но, будејќи се со веста дека десетици илјади војници влегуваат во Газа, тоа е катастрофална вест. , вели жител на градот Газа.

-Израелците сакаат окупирање на Газа и уништување на палестинскиот народ, целосно уништување на Појасот Газа.  Целта е Газа и луѓето во Газа и нивно раселување. , вели жител на градот Газа.

Израелската офанзива се интензивира во екот на дипломатските напори на Катар и Египет за 60-дневно примирје, предлог кој Хамас го прифати, а за кој еврејската држава официјално не се изјасни.

-Од витално значење е веднаш да се постигне прекин на огнот во Газа и безуслвно да се ослободат сите заложници и да се избегне масовна смрт и уништување што воената операција против градот Газа неизбежно би ги предизвикала. , изјави Антонио Гутереш, генерален секретар на ОН.

Израел во меѓувреме најави мобилизација на 60 илјади резервисти, што според аналитичарите, е потврда дека воената операција во палестинската енклава ќе биде долга.

-Израел веќе има окупирано 75 проценти од Појасот Газа, па прашањето е зошто е ова? Ако успеат да го освојат градот Газа, тоа ќе ги насочи кон речиси цела окупација на појасот. , вели за Ал Џезира, Поли Каландс, аналитичар

Израелските операции во Газа почнаа пред речиси две години како одговор на нападот на Хамас врз Израел во кој беа убиени над илјада луѓе, а повеќе од 200 беа грабнати и држени како заложници. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата