Израел уништи складиште за прецизни ракети на Хезболах во Бејрут

28.04.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Израел уништи складиште за прецизни ракети на Хезболах во Бејрут

Израел нападна складиште за прецизни ракети на Хезболах во Бејрут, потврдија израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Израел Кац во заедничко соопштение, додавајќи дека ракетите на либанската милитантна група „претставуваат значителна закана за Израел“, пренесе Ројтерс.

„Израел нема да дозволи Хезболах да стане посилен и да продолжи да претставува каква било закана, никаде во Либан“, изјавија двајцата високи израелски функционери во заедничка изјава, објави „Тајмс оф Израел“.

Нетанјаху и Кац нагласија дека Израел нема да дозволи предградието Дахија во Бејрут да служи како засолниште за Хезболах, предупредувајќи дека либанската влада сноси директна одговорност за елиминирање на овие закани.

Во посебно соопштение од израелската војска (ИДФ) се вели дека воздушниот напад бил насочен кон објект каде што Хезболах складирал прецизни ракети.

„Складирањето ракети на ова инфраструктурно место е јасно кршење на договорот меѓу Израел и Либан и претставува закана за Државата Израел и цивилното население“, се вели во соопштението на Израелските одбранбени сили, додавајќи дека пред нападот на израелските воздухопловни сили, Израелските одбранбени сили издале предупредување до цивилите во областа.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата