-Ракетата Гадр-380 има способност да ги избегне попречувањата, рече генералот Али Реза Тангсири, шеф на морнарицата на Револуционерната гарда, во телевизиски извештај кој прикажува подземен ракетен објект на јужниот брег на Иран.
Во ТВ извештајот се наведува дека новото оружје е софистицирана ракета, што може да биде лансирана од подземен објект. Ракетата беше лансирана од централен Иран во Оманското Море. Во извештајот не е прецизирано каква боева глава носи проектилот, ниту пак времето на тестирањето.
Тангсири рече дека тоа е „само еден дел од ракетните системи на гардата“, додавајќи дека проектилите може да создадат „пекол за непријателските воени бродови“.
Од 2011 година, Иран повремено отвора подземни ракетни објекти паралелно со ракетните тестирања. Тврди дека може да се пофали со подземни објекти низ целата земја, како и долж јужниот брег, во близина на стратешкиот теснец Ормуз.
Иран тврди дека има ракети кои можат да достигнат цели оддалечени 2.000 километри, ставајќи го најголемиот дел од Блискиот Исток, вклучително и Израел, во нивниот домет.
Иран разви програма за балистички проектили навидум како средство за одвраќање, особено затоа што ембаргото за оружје на ОН го спречува да купува високотехнолошки системи за оружје. Подземните тунели помагаат да се заштитат тие оружја, кои вклучуваат проектили со течно гориво.
САД и нивните западни сојузници ја гледаат ракетната програма на Иран како закана, заедно со нуклеарната програма на земјата./МИА