Иран бара укинување на санкциите во замена за одредени ограничувања во нуклеарната програма

12.08.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Иран бара укинување на санкциите во замена за одредени ограничувања во нуклеарната програма

 Иран е подготвен да прифати одредени ограничувања на својата нуклеарна програма во замена за укинување на економските санкции, но целосно запирање на збогатувањето ураниум не е предмет на преговори, изјави заменик-министерот за надворешни работи на земјата, Маџид Тахт-е Раванчи.

- Можеме да се согласиме на ограничувања на нашата нуклеарна програма, а за возврат санкциите мора да бидат укинати, изјави Тахт-е Раванчи за „Кјодо њуз“, пренесе „Иран интернешнал“.

- Иран може да биде флексибилен во однос на капацитетот и ограничувањата на збогатувањето, но под никакви околности не може да се согласи на целосно запирање на збогатувањето бидејќи тоа е неопходно, а ние мора да се потпреме на себе, а не на празни ветувања, додаде тој.

Раванчи посочи дека една од пречките за обновување на преговорите со Вашингтон е потребата да се разјаснат минатите потези на САД.

- САД треба да ни ги објаснат причините поради кои се одлучија за употреба на сила против нас. Ако сакаме искрен дијалог, сите мора да бидат транспарентни. САД всушност нè измамија – се преправаа дека сакаат да разговараат, а во суштина се одлучија за воена опција, изјави тој.

Заменик-министерот нагласи дека Техеран останува отворен за разговори, но нема да поставува временска рамка. - Иран е подготвен да се вклучи во дијалог, но не можеме да утврдиме точен рок за разговорите, рече Раванчи, додавајќи дека „меѓу Иран и САД се разменуваат пораки преку посредници“.

Иран и САД одржаа пет рунди преговори меѓу април и мај годинава, во Мускат (Оман) и во Рим (Италија). Шестата рунда беше закажана за 15 јуни во Мускат, но беше одложена откако Израел два дена претходно изведе воздушни напади врз Иран.

Подоцнежниот 12-дневен судир во јуни вклучи американски напади врз иранските нуклеарни постројки во Исфахан, Натанц и Фордо, како и израелски удари со кои беше уништена клучна инфраструктура. Во тие напади загинаа неколку високи воени функционери и научници, како и стотици цивили. Иран возврати со ракетни напади во кои беа убиени 32 израелски државјани. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата