Гутереш го повика Иран да се откаже од развојот на нуклеарно оружје

22.01.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Гутереш го повика Иран да се откаже од развојот на нуклеарно оружје

 Иран мора да го направи првиот чекор кон подобрување на односите со земјите од регионот и со Соединетите Американски Држави, со тоа што јасно ќе стави до знаење дека нема за цел да развие нуклеарно оружје, изјави денеска генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш.

Зборувајќи за ситуацијата на Блискиот Исток на Светскиот економски форум во Давос, тој изрази надеж дека Иран ќе се ангажира конструктивно со другите земји во регионот.

Во врска со Појасот Газа, Гутереш рече дека се надева оти конфликтните страни ќе разберат дека ќе имаат корист од траен прекин на огнот што може да го отвори патот за преговори за решение со две држави.

Тој, исто така, ја повика меѓународната заедница да ги ублажи санкциите кон Сирија.

Претходно, шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси изјави дека Иран моментално има околу 200 килограми ураниум збогатен до 60 отсто чистота.

Гроси им рече на новинарите на економскиот форум во Давос дека ова е блиску до 90 проценти чистота што е потребна за производство на нуклеарно оружје.

Според стандардите на МААЕ, оваа количина на ураниум би била доволна за да се направат пет нуклеарни бомби.

Гроси, исто така, нагласи дека неодамнешното забрзување на процесот на збогатување ураниум до ниво од 60 отсто му овозможи на Иран да ја зголеми стапката на производство седум пати во споредба со претходниот период. /МИА

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата