Откако нееодамна искажа амбици за присвојување на Канада, Гренланд и Панамскиот канал, сега најави присвојување и на Појасот Газа, која буквално е срамнета со земја по 15-месечниот конфликт меѓу Хамас и Израел. Не исклучи можност да бидат вклучени и американски трупи.
-САД ќе го преземат Појасот Газа, а ние ќе работиме на тоа. Ние ќе го поседуваме и ќе бидеме одговорни за демонтирање на сите опасни неексплодирани бомби и друго оружје на локацијата. , изјави Доналд Трамп.
Контроверзната идеја Трамп ја искажа за време на посетата на израелскиот премиер, Нетанјаху во Вашингтон и драстично отстапува од децениската политика за решение со две држави.
Планот предвидува сите 2,2 милиони Палестинци од енклавата да бидат преселени во други земји, најверојатно во Јордан, Египет и другите арапски држави. Газа економски да се развие и да биде населена со популација од целиот свет. Вели не верувам дека и раселените Палестинци би сакале да се вратат во тој пекол.
-Гледам долгорочна сопственичка позиција и гледам дека носи голема стабилност на тој дел од Блискиот Исток, а можеби и на целиот Блиски Исток. Не сакам да се правам паметен и сезнајко, но ривиерата на Блискиот Исток може да биде нешто прекрасно. , изјави Доналд Трамп, претсеател на САД.
-Вашата подготвеност да размислувате надвор од рамките и со свежи идеи, ќе помогне да се постигнат целите. , изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Идејата наиде на осуда и меѓу американските сојузници и во поголем дел од арапскиот свет, а пропалестински демонстранти протестираа пред Белата куќа.
-Палестина не е на продажба! Ние ќе продолжиме да го браниме секој инч од Палестина! , извикуваше палестинка пред белата куќа.
-Оние кои сакаат да ги испратат нив (Палестинците) на среќно и убаво место, нека ги вратат назад во нивниот оригинале дом, Израел. , изјави Ријад Мансур, палестински претставник во ОН.
Реакции стигнаа од Британија, Франција, Германија, Австралија, Турција, Кина, Русија, Иран, а Јордан и Египет категорично ја отфрлија идејата во зародиш да бидат идна татковина на Палестинците. дел го обвинија за империјалистички побуди и етничко чистење, но доминира ставот дека опцијата за две држави се единственото решение за конфликтот на Блискиот Исток.
-Секогаш бевме јасно дека според нашите верувања дека мора да има две држави (Израел и Палестина) и дека мора Палестинците да живеат и просперираат во својата татковина, Газа. , изјави Дејвид Лами, министер за надворешни работи на Британија.
Проценките се дека од почетокот на конфликтот пред година и пол, во Газа загинале речиси 50 илјади Палестинци, а дека 70 проценти од домовите се оштетени или целосно уништени.